Празниците поминаа, заврши „Новогодишната кошница“ – што ќе биде со цените?!

Празниците завршија, но заврши и новогодишната потрошувачка кошница, преку која граѓаните можеа да пазаруваат поевтино. На листата беа опфатени 1.178 производи од 96 производители и дистрибутери. Од Министерството за економија велат дека мерката била успешна и ги исполнила очекувањата. Најавуваат дека и во наредниот период ќе следат нови мерки и политики за заштита на стандардот на граѓаните.



Според Министерството за економија, акцијата „Новогодишна кошница“ беше успешна и придонесе за намалување на цените на производите кои што беа вклучени во неа. „Со неа се спречи зголемување на цените пред и за новогодишните и божиќните празници и се одржа стабилно ниво на инфлацијата во декември 2024 и јануари 2025 година, за време на новогодишните и божиќните празници кога има зголемена потрошувачка“, оценуваат надлежните.  

  • Ако ги согледаме овие бројки сметаме дека акцијата Новогодишна кошница беше успешна и придонесе за намалување на цените на производите кои што беа вклучени во нејзе. Трошоците за храна и пијалоци во декември се намалени за 0,3%, велат од Министерството за економија.

А граѓаните и не се баш задоволни од ефектите на оваа акција. Велат дека имало намалување, но тоа било многу малку во споредба со стандардот, но и со скапотијата која е се повиока.

Владината мерка, којашто беше на сила од 15 декември завршува на 15 јануари. Од утре веќе трговците ќе може повторно по свое видување да ги формираат цените на прехранбените производи. Претходно, револт предизвика и лично кај премиерот Христијан Мицкоски кој им се закани на несовесните трговци дека ќе бидат жестоко казнети поради алчноста што ја имаат и обидот да заработат на грбот на граѓаните во време кога сите сакаат да имаат што побогата трпеза.

Ставот на експертите и натаму е дека наместо вакви мерки потребно е зголемување на платите. По есенската и по Новогодишната кошница, сега следуваат рамазанска и велигденска кошница, кои треба да се објават неколку дена пред овие верски празници. Праксата покажала дека по завршувањето на ваква мерка цените вивнуваат толку високо што трговците си ги наплатуваат „загубите“ кои ги имале во текот на времето додека мерката била на сила.