Православните верници денеска го слават празникот Прочка, или Велики Поклади, кој спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш зад Божик и Велигден.
Прочка или Велики поклади, е ден во православното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците пред почетокот на Велигденскиот пост. Датата на Прочка се менува во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден. Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, кој треба да го следи примерот на Господ Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.
Прошка бара помладиот од постариот со зборовите „прости ми“, а постариот одговара „простено да ти е од мене и од Бога“.
Обичајот проштевање тргнува од христијанското сфаќање за помагање и проштевање меѓу луѓето.
Со Прочка започнуваат и долгите Велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања со многу одрекувања и надежи за пречек на Христовото воскресение (Велигден), за причесна и идентификација со Спасителот Исус Христос.
Понеделникот по Прочка се вика Чист Понеделник и тогаш започнуваат долгите Велигденски пости. На овој ден се чисти куќата, особено се внимава садовите за храна да се измијат.






