Граѓаните што денеска се собраа на протест на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, на местото каде што е прегазена младата Фросина Кулакова, пристигнаа и пред Кривичниот суд. Тие искажаа револт првин пред зградите на Јавното обвинителство и Собранието. На плочникот пред Кривичниот суд оставија отпечатоци од раце намачкани со црвена боја. Студентите се наоѓаа во првите редови на протестот, извикувајќи „Затвор за Васил“, со што го посочуваа името на возачот, кој пред два дена ја прегази Фросина од Неготино додека поминувала на пешачки премин. „Не кријте се, излезете, сите ние ве плаќаме, Нека каже судијата за колку илјадници евра замина животот на Фросе!“ – порачаа студентите и другите насобрани.
На плочникот пред Кривичниот суд оставија отпечатоци од раце, намачкани со црвена боја. „Ако Васил не заврши во затвор, утре ќе се појави некој друг Васил.“ – рекоа тие. Граѓаните бараат правда за сите жртви од сообраќајни незгоди, зголемено полициско присуство на улиците, да се вратат позорникарите и да се казнат виновниците за овој случај – од обвинетиот до обвинителите и судиите кои, го ослободувале младиот возач за претходните дела.
Кривичниот суд се огласи во јавноста со соопштение во врска со претходните судски постапки, кои биле водени против 20-годишниот Васил Јованов, кој ја усмрти младата Фросина Кулакова на улицата „Партизански одреди“. Од судот за затекнувањето со дрога лани велат дека Јованов бил првостепено осуден со пресуда, по која постапувала судијата Даниела Алексовска Стојановска.
„Поради неговата возраст, со неполни 20 години, а согласно одредбите од Законот за правата на децата, судот му изрекол воспитна мерка „Упатување во воспитно поправен дом“, каде што како обвинет во домот останува најмалку 6 месеци, а најмногу 5 години односно до наполнети 23 години, во која пресуда му се пресметува и времено поминато во притвор, по истиот предмет од 02.04.2024 година до 12.08.2027 година.“, објаснуваат од Кривичниот суд. Од таму велат дека согласно со одредбите од законот мерката притвор не може да опстојува, поради што Јавниот обвинител вложил жалба во однос само на кривичната санкција. „Предметот на 7 ноември минатата година е доставен на надлежно постапување на Апелацискиот суд Скопје, од каде се уште не е вратен на можно извршување.“ – велат од Кривичниот суд.
Понатаму, како што се додава, во согласност со евиденцијата на судот, Јованов не бил осудуван за друго кривично дело и не се водела друга постапка за други кривични дела. До овој момент во судот не е процесуирана друга кривична пријава, ниту прекршочна пријава од сообраќајот, а лицето е евидентирано единствено како малолетник во 2021 година кога му е изречена судска опомена, поради нарушување јавен ред и мир.
„Како суд, изразуваме жалење за загубата на млад човечки живот. Но, имајќи го предвид сето претходно наведено, нејасна е врската, која се создава во јавноста за кривичен предмет, што е завршен во прв степен со заводска мерка на одредено лице за едно кривично дело, со друго кривично дело, кое е сторено 7 месеци потоа. Дали некој во правосудниот систем можел да претпостави дека обвинетиот после 7 месеци од донесената пресуда, со која тој треба да се институцијализира, ќе може да стори друго кривично дело, па заради тоа требало да биде задржан во притвор? Тоа не го дзоволуваат законите во нашата земја и меѓународните конвенции за човекови права. Дали за системскиот проблем со црните сообраќајни точки, каде што не ретко се случуваат сообраќајни несреќи, вината е на судството, ако се има предвид било кој граѓанин кој претходно не бил во судир со законите, може да предизвика сообраќајна несреќа со жртва заради недозволена брзина, управување под дејство на алкохол и не поседување возачка дозвола? Станува збор за општествен проблем.“ – се вели во соопштението на судот.
Инаку, во врска со смртта на Кулакова, возачот Јованов е во притвор во траење од 30 дена, поради опасност од бегство, попречување на истрагата со влијание врз сведоци и поради опасност да го повтори делото.





