По средбите со Стармер и Рама во Тирана Мицкоски на фб: Стратегиски договор со Англија! Цврсто чекориме со Албанија на патот кон ЕУ!

Претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски се огласи преку својот фејсбук-профил во врска со резултатите од денешните интензивни активности во главниот град на Албанија Тирана и средбите со премиерот на Велика Британија Кир Стармер и со премиерот на Албанија Еди Рама.

Во првата објава на општествената мрежа Мицкоски нагласува:
Историски ден за Македонија!
Денеска остварив средба со премиерот на Обединетото Кралство Кир Стармер.
На средбата постигнавме согласност за договор за стратегиско партнерство на Македонија со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
Ова претставува стратегиски договор, кој ја позиционира државата во редот на интересите и дејствувањето на една од највлијателните политички и економски сили во светот како што е Обединетото Кралство.
Овој договор претставува ново поглавје во односите меѓу двете држави и претставува клучна основа за подоцнежна економска и политичка соработка.
За договорор се преговараше повеќе месеци меѓу тимови од двете држави и тој вклучува членови за блиска соработка во повеќе клучни области.

Во втората објава на фејсбук македонскиот премиер Мицкоски порачува:
Секогаш е посебно задоволство кога со нашите соседи градиме разбирање и заедничка визија. Денеска со премиерот Рама во Тирана имавме исклучително конструктивен и пријателски разговор, исполнет со заемна почит и желба за напредок.
Заедно цврсто чекориме по патот кон Европската Унија, посветени на иднината, што ја градиме со партнерство, дијалог и заеднички вредности.