Ова е добар ден за Израел, за САД и за светот, стои во изјавата на американскиот претседател Џо Бајден, по информацијата дека е мртов Јахја Синвар, лидерот на палестинското движење Хамас, поддржано од Иран, а кое САД и Европската унија го прогласија за терористичка организација.
„Како лидер на терористичката група Хамас, Синвар беше одговорен за смртта на илјадници Израелци, Палестинци, Американци и граѓани од над 30 земји. Тој беше мозокот на масакрите, силувањата и киднапирањата на 7-ми октомври“, се вели во официјалната изјавата од Белата куќа.
Американскиот претседател потсетува дека на 7 октомври беа убиени 1.200 луѓе, меѓу кои 46 Американци и вели дека тоа е најсмртоносниот ден за Евреите по холокаустот. Меѓу 250 кои беа земени како заложници, а 101 се уште се водат како исчезнати има и седум Американци. Според Бајден, за четворица од нив се верува дека уште се живи.
- „За моите израелски пријатели, ова без сомнение е ден на олеснување и сеќавање, слично на сцените на кои се гледаше низ Соединетите Држави откако претседателот Обама нареди рацијата да се убие Осама Бин Ладен во 2011 година. Израел го имаше целосното право да го елиминира раководството и воената структура на Хамас. Хамас повеќе не е способен да спроведе уште еден 7 октомври“, вели американскиот претседател Џо Бајден.

Тој соопшти и дека наскоро ќе разговара со премиерот Нетанјаху и другите израелски лидери за да им честита, но и за да разговара за патот за враќање на заложниците дома и за ставање „крај на оваа војна, еднаш засекогаш“. Според него, сега постои можност за „ден потоа“ во Газа без Хамас на власт и за политичко решение кое обезбедува подобра иднина за Израелците и Палестинците.
- „Јахја Синвар беше непремостлива пречка за постигнување на сите тие цели. Таа пречка повеќе не постои. Но, многу работа останува пред нас“, порачува американскиот претседател.
Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац (17 октомври) објави дека Синвар бил убиен за време на воените операции во Појасот Газа. Синвар е осомничен дека наводно го организирал смртоносниот напад врз Израел на 7 октомври 2023 година. Нападот без преседан ја предизвика израелската војна во палестинската енклава. Тој стана главен лидер на Хамас, по атентатот на Исмаил Ханије, шеф на политичкото биро на групата, кој беше убиен во Техеран на 31 јули во наводен израелски напад.

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, излезе денеска со изјава по повод убиството Јахја Синвар, лидерот на Хамас.
- Јахја Синвар беше свиреп и непокајан терорист одговорен за најголемиот масакр на Евреи по Холокаустот. Терористите на Хамас по негово водство убиваа Израелци, Американци и граѓани од повеќе од 30 земји. Тие киднапираа и држеа како заложници доенчиња, стари лица и други цивили. Неговата одлука да ги започне терористичките напади на 7 октомври донесе катастрофални последици за народот на Газа, кој сега повеќе од година дена ги трпи ужасите на војната, изјави Блинкен, додавајќи дека „светот е подобро место без него“.
Се сеќаваме денеска на жртвите на неописливите злосторства на Синвар и се надеваме дека неговата смрт ќе им донесе некаква правда. Соединетите Американски Држави стојат заедно со Израел во процесот на одговорност за нападите на 7 октомври и гаранциите дека таков напад никогаш повеќе нема да се повтори. Блинкен истакна дека во текот на изминатите месеци, Синвар повеќепати ги одбиваал напорите на Соединетите Држави и партнери да се заврши оваа војна преку договор за враќање на заложниците кај нивните семејства и олеснување на страдањето на палестинскиот народ, додава тој.
- Во наредните денови, Соединетите Држави ќе ги удвојат напорите со партнерите за окончување конфликтот, да се обезбеди ослободување на сите заложници и трасирање на нов пат кој ќе им овозможи на народот на Газа да ги обноват своите животи и да ги остварат своите аспирации, ослободени од војна и од бруталните стеги на Хамас, изјави Блинкен.





