Јавната администрација темелно ќе се реформира. Министерството за предлага четири закони кои ќе стават крај на партизацијата на обемната администрација. По Нова година, транспарентно ќе се објават огласи за вработување и усоласување на платите на административците со Општиот колективен договор. Станува збор за Законот за јавен сектор, административни службеници, за стручно усовршување и обука на кадрите и Законот за инспекциски надзор.
- Ставаме крај на практиките на политичко влијание врз вработувањето и функционирањето на институциите. Вработувањата ќе се темелат на исклучиво на заслуги, компетенции, професионалност што значи крај на клиентелизмот и на партиските интервенции, рече Минчев.

Предвидено е да се формира и академија. Министерството ќе се договори со универзитетите за студентите кои учат во дефицитарните струки, како ИТ на пример, да можат праксата да ја стекнат во државните институции. На тој начин, државата нема да мора да плаќа огромни плати, кои тие ги добиваат во приватниот сектор, а студентите ќе добијат искуство пред да се вклучат во реалниот сектор.
- Правичната застапеност на етничките заедници е уставна категорија, која произлегува од Охридскиот рамковен договор. Во рамки на тоа посебно законско решение, мојот став беше тоа да биде направено солидно и да не е предмет на партии и политики, затоа што такви законски решенија не доведуваат во состојба како минатото законско решение, кое беше предмет на оценка на Уставниот суд. Кога ќе биде креирано такво Нацрт предлог законско решение, тоа треба да биде испратено до Венецијанската комисија, да добиеме позитивно мислење и после тоа да го почнеме процесот на носење на тој закон, рече Минчев.
Според Минчев, кога не постоел балансерот имало поголем број на вработувања на етничките заедници, отколку кога е воведен.

- Многу фама се крева околу укинувањето на балансерот, но статистичките податоци го велат следното – Од 2001 до 2015 година не постоел балансер како дигитална алатка за правична застапеност на етничките заедници, а од 2015 година е воведен и траел до одлуката на Уставниот суд за негово укинување, во 2024 година. Интересен е податокот дека во овој период, кога не постоел балансерот имало поголем број на вработувања на етничките заедници, отколку кога е воведен, додаде Минчев, кој на седницата за пратенички прашања во четврткот, потенцираше примери за злоупотреби, кога Агрон, Фатмир и Исмет биле регистрирани како македонски имиња, Ангеле и Стојан како албански, а Зоран како бошњачко име.
Министерот Минчев најави зголемување на платите на административните службеници од 1 март, за 8%. Појасни дека ќе се стави крај на практиките на политичко влијание врз вработувањето и функционирањето на институциите, а вработувањата ќе се темелат исклучиво на заслуги, компетенции и професионалност.
Секој оглас ќе биде јавно достапен, а изборот на кандидати ќе се врши низ фер и конкурентен процес составен од тестирање и интервју. Минчев појасни дека ќе се укине постоењето на Инспекцискиот совет како правен субјект и ќе се потврди заложбата на Владата за намалување на дел од функционерските позиции.





