По наредба на СЈО во текот на вечерта во полициска станица во Скопје е приведено лице со иницијали Љ.П. за предистражна постапка која се однесува на објавување на прислушувани разговори на социјалните мрежи.
Од МВР потврдија дека лицето е задржано во полициска станица по барање на СЈО, но бидејќи станува збор за предистражна постапка, не сакаат да објават подетални информации за случајот.
Според медиумите се работи за бизнисменот Љупчо Палевски – Палчо кој пред десетина години беше шеф на скопската организација на Социјал – Демократскиот сојуз.
Палевски во времето на првата влада на ВМРО – ДПМНЕ имаше проблеми со тогашниот естаблишмент кој што урна дел од неговите станбени објекти во центарот на Скопје а подоцна во време на премиерот Бучковски тој доби оштета од државата.
Дел од медиумите шпекулираат дека Палевски стои зад објавените прислушувани разговори на социјалните мрежи.
На профилот „Никола Тесла“, на мрежата Јутјуб, во неколку наврати беа објавувани приватни телефонски разговори меѓу познати личности од политиката, новинарството и стопанството.
Палевски пред неколку месеци беше гостин во емисијата „Во центар“ на Васко Ефтов во која го критикуваше лидерот на СДСМ Заев, по што новинарот објави фотографија на која заедно со Палевски беше сликан и синот на екс шефот на ДБК Зоран Верушевски, Александар.
Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски, кој беше првоосомничен во случајот „Пуч“ се товареше за шпионажа и за насилство спрема високи државни функционери.





