По името и светецот Димитрија проблем во односите со Грција

Грчката православна црква е вознемирена од присвојувањето на историјата односно на православните светци од страна на Македонија и од својата влада ќе бара да интервенира со цел „скопската црква и власти да запрат со иредентистички провокации“.



Последната причина за револт во Грција е книгата „Сите светители од Македонија“ во која има посебен дел за светецот Свети Димитрија и во која, како што тврдат грчките свештеници, се присвојува неговата национална припадност иако во времето кога тој творел не постоеле ни нации ни народи.

Спорната за Грција книга е издадена со финансиска помош на Брегалничката епархија на МПЦ – ОА а во неа на страницата 135 пишувало дека Свети Димитрија е етнички Македонец, што според јужниот сосед е провокација на верска основа.

Светецот Димитрија (Деметриус по грчки) е роден во Солун и се слави како заштитник на овој град. Руската црква го слави како заштитник на Сибир.