Поглаварот на римокатоличката црква Папата Франциско почина на 88 години, соопшти Ватикан.
Тој беше првиот латиноамерикански водач на Римокатоличката црква, соопшти Ватикан во видео изјава во понеделникот, ставајќи крај на често турбулентното владеење обележано со поделби и тензии додека се обидуваше да ја промени институцијата.
Тој имаше 88 години, а неодамна преживеа сериозен напад на двојна пневмонија.
Вчера, на Велигден, папата Франциско неочекувано се појави пред верниците на плоштадот Свети Петар во Ватикан и на толпата накратко им посака: „Среќен Велигден“.
Светиот Отец излезе во инвалидска количка и од балконот на базиликата Свети Петар им мавташе на илјадниците насобрани верници кои го поздравија со голем аплауз.
Годинава, за прв пат откако беше избран за папа во 2013 година, Фрањо пропушти поголем дел од ритуалите на Светата недела, вклучително и Велигденското бдение во саботата навечер, каде што празнувањето на миса им го препушти на кардиналите.
И покрај се, на Велигден накратко се појави внатре во базиликата, каде пред насобраните луѓе кажа кратка молитва и им подели слатки на децата. На вчерашното појавување тој делуваше многу изнемоштено и исцрпено, а на насобраните само им рече: „Драги браќа и сестри, среќен Велигден“.
Неколку моменти претходно, Френциско го прими американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс „како дел од приватен состанок од неколку минути“ во неговата резиденција во Ватикан.






