Легендарниот рокер, фронтмен на групата „Рибља чорба“, Бора Ѓорѓевиќ, почина денеска, 4 септември, на 72-годишна возраст.
Бора почина во болница во Љубљана, каде што беше примен поради сериозни проблеми со белите дробови.
Официјалната страница на групата „Рибља чорба“ ја објави веста за неговата смрт.
-Почитувани пријатели, со тага и жал ве известуваме дека нашиот пријател и брат, Борисав Бора Ѓорѓевиќ не напушти. Почивај во мир драг наш Боки. Борисав Бора Ѓорѓевиќ. 01.11.1952 – 04.09.2024 година, стои во објавата.
Последен пат во јавноста се појави на 1 јули, кога го одржа својот последен концерт.
Борислав Бора Ѓорѓевиќ, познат и како Бора Чорба, е српски писател, поет, актер и рок музичар и фронтмен на бендот Рибља чорба. Роден е на 1 ноември 1952 година во Чачак. Младоста ја поминал во Белград, а последните години од животот ги поминал во Љубљана.
Со музика се занимава од својата тринаесетта година. Беше член на многу бендови во Чачак, а неговата прва година во Белград беше обележана со работата со групите Зајдено, Хајдук Станко и Јатаци и Сунцокрет. Од 1978 година е фронтмен на групата Рибља чорба, со која сними дваесет студиски албуми за повеќе од четири децении работа, а објави исто толку снимени концерти и компилации.






