Иранските агенции јавија дека местото на падот на хеликоптерот во кој бил претседател на Иран Ебрахим Раиси е пронајдено и дека нема преживеани, пренесува Си-Ен-Ен.
„Нема знаци на живот од хеликоптерот на претседателот Ебрахим Раиси“, јави државната телевизија, која подоцна објави дека сите во хеликоптерот биле потврдени мртви.
Веста за смртта ја потврди и потпретседателот Мохсен Мансури на социјалната мрежа Х.
Ројтерс објави дека хеликоптерот целосно изгорел во падот.
Во несреќа загинал и министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан.
„Сите девет лица во хеликоптерот на иранскиот претседател Ебрахим Раиси кој се урна во северозападниот дел на земјата загинаа“, јави иранската државна агенција ИРНА.
Државната телевизија објави дека сликите од локацијата покажуваат дека хеликоптерот удрил во планински врв, иако, како што пренесува Ројтерс, нема официјални информации за причината за падот.
Според новинската агенција Ројтерс, ирански владин претставник ја потврдил смртта на Раиси.
Хеликоптерот во кој се превезувал иранскиот претседател Ебрахим Раиси се урнал додека минувал планински терен во густа магла на враќање од посетата на границата со Азербејџан.
Инцидентот се случи во близина на градот Џолф, во близина на границата со Азербејџан, на околу 600 километри северозападно од главниот град на Иран, Техеран.





