Постигнат е конкретен напредок во преговорите за намалување на американските тарифи за Македонија, објави шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски кој се наоѓа во посета на САД.
За време на посетата на Вашингтон, остварив уште една значајна средба – со Џејмисон Грир, трговски претставник во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, информира Муцунски кој вели дека фокусот на средбата бил ставен на унапредување на билатералната трговска размена и отворање нови можности за економска соработка меѓу двете земји.

,,Важно е да истакнам дека постигнавме конкретен напредок во преговорите за намалување на тарифите, како и во дефинирањето на следните чекори кон потпишување Договор за слободна трговија.
Разговаравме и за владините економски политики насочени кон унапредување на бизнис-климата, поттикнување на странските директни инвестиции и обезбедување стабилна и предвидлива регулаторна рамка за американските компании заинтересирани за инвестирање во нашата држава”, вели Муцунски.






