Последен ден од мерката за скалести маржи – Станува ли трпезата сѐ поскромна?!

Последен ден од владината мерка за скалесто ограничување на маржите. Граѓаните стравуваат од скок на цените, власта уверена дека трговците ја научиле лекцијата. Но, ако тоа не се случај, повторно ќе се интервенира. Какви се позициите пред истекувањето на важноста на мерките останува да видиме.



Од 1 Мај трговците во Македонија слободно ќе можат да ги формираат цените, со оглед на тоа дека истекува владината мерка за ограничување на бруто-профитните маржи за над 1 000 прехранбени и непрехранбени производи во трговијата на мало и големо. Владината одлука за ограничени маржи беше донесена во февруари годинава и е на сила до 30 април. Граѓаните стравуваат дека тоа би можело да доведе до енормно поскапување на цените на храната во текот на мај. Надлежните, пак, најавуваат засилени контроли. Ако се утврди дека маркетите претеруваат со цените – ќе бидат воведени поригорозни мерки.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, деновиве оцени дека мерката дала позитивен резултат. Повикувајќи се на официјални податоци, рече дека во споредба со февруари, во март има дефлација од 1,3 отсто во однос на храна и пијалаци. Податоците за април, вели тој, исто така укажуваат на намалување на цените на храната и пијалаците.

Од 1 Мај Државниот пазарен инспекторат ќе врши контроли на терен за да се види дали по завршување на мерката ќе има енормно зголемување на цените на производите. Ако трговците не се однесуваат како што треба или пак ги зголемуваат цените, ќе има поригорозни мерки.