„Спроти заедничката седница на владите на * Македонија и Косово денес, на 18 ноември 2024 година во Приштина, косовската опозиција ја обвини Владата на Албин Курти, поради тоа што, според нив, не се поставени клучни прашања на дневен ред на оваа заедничка седница, кои мора да се бранат со решителност: основните права Албанците во * Македонија, вклучително и употребата на албанскиот јазик, како и ветераните на УЧК, кои се апсат.“ – пишува информативниот портал на албански јазик „Порталб.мк“, пренесувајќи ја објавата на фејсбук на Мемли Красниќи, лидерот на Демократската партија на Косово и пратеник во Парламентот на Косово.
„Порталб.мк“ објави: На својот фејсбук Красниќи пишува дека „што се однесува до средбата со Владата на * Македонија има најмалку две клучни прашања, кои треба сериозно да се решат, а кои воопшто не се на агендата“. Красниќи бара од Владата на Косово, особено од албанските политичари, кои се дел од Владата на * Македонија, „да го кренат својот глас и да се заложат да не се загрозува употребата на албанскиот јазик од никого и од никаде“. „Основните права на Албанците во * Македонија, вклучително и употребата на албанскиот јазик, мора да се бранат со решителност. Владата на Косово, а особено албанските политичари кои се дел од Владата на Северна Македонија, мора да го кренат својот глас и да се заложат да не се загрозува употребата на албанскиот јазик од никого и од никаде. Веднаш мора да престане секој обид да се загрозат овие права.“ – вели Красниќи.
Според него, „додека не се решат овие итни прашања како што треба, другите точки од агендата ќе се наоѓаат во опасност да останат во сенката на неразрешените незадоволства на албанскиот народ во * Македонија“. Вистинската соработка, додава Красниќи, „бара чесен и проактивен пристап кон ваквите предизвици, гарантирајќи дека ќе се почитуваат и ќе штитат достоинството и правата на сите граѓани без разлика“. „Во спротивно, никому не му требаат заеднички средби заради политичко шоу без содржина.“ – истакнува Красниќи на фејсбук.
„Исто така, неприфатливи се и ги нарушуваат нашите меѓудржавни односи и потерата и апсењето на ветераните на УЧК во * Македонија, како што се случи оваа година,. Владата на Косово мора да инсистира да не се повторат ваквите случаи, кои се случуваат сега со новата влада во * Македонија. Денес, ниту еден ветеран на УЧК не е безбеден да ја премине границата со * Македонија, поради опасноста оваа држава да ги спроведе српските налози за апсење на борците за слобода.“ – дополнува Мемли Красниќи на општествената мрежа.
Тој истакнува дека е „добар чекор за зајакнување на регионалната соработка тоа што Владата на Косово ќе биде домаќин на заедничката средба со Владата на * Македонија“, но и нагласува: „Сепак, пред каква било друга средба Косово треба да ја врати добрата традиција на средби со Албанија, важна пракса за меѓуалбанско единство и соработка, која е прекината во времето на сегашната влада на Албин Курти. Средбите меѓу Косово и Албанија го задржуваат своето животно значење за справување со заедничките предизвици и за засилување на нашите културни, економски и политички врски.“





