Попова Шапка е зимско-рекреативен центар во северозападниот дел на Македонија, именуван според истоимениот врв (1780 метри) на Шар Планина кој се наоѓа во непосредна близина. Се карактеризира со голем број на сончеви денови во текот на целата година и со снег од ноември до мај.
Според легендата, невообичаеното име на ова место настанало некогаш одамна кога некој поп си ја изгубил шапката. Попот, заедно со селаните, долго ја барале шапката, но не успеале да ја најдат. Во еден момент еден од селаните на шега извикал дека шапката е на врвот, бидејќи тој личел на поповата шапка. Попот шапката не си ја нашол, но името на регионот останало.

Скијањето овде има традиција од речиси еден век. Во 1934. година на надморска височина од 1.710 метри на Попова Шапка е изграден првиот планинарски дом.
Местото се карактеризира со голем број на сончеви денови во текот на целата година и со обилен снег од ноември до мај. Во 1947. година првпат е одржан Шарпланински куп – скијачка манифестација, најстара на Балканот. Скијачките патеки се соодветни за повеќе ски‐дисциплини, но скијањето надвор од патека е незаборавно доживување.

На горниот дел на скијалиштето има снег во изобилство дури и над еден метар, карпи и дрва воопшто нема (имено, скијалиштето се наоѓа над појасот каде што растат дрвја).
Поклониците на екстремните спортови што трагаат по атрактивни скијалишта низ целата планета го ставаат скијањето на Шапка и регионот Лешница во ранг со Хималаи.





