Помали маркeти „ќе се надмудруваат“ со Владата за да не ги намалат цените

Трговците и маркетите кои пред еден месец формираа „Стопанската комора на трговци на големо и мало“ за да се спротистават на ограничувањето на маржите и ценовните мерки го формализираа своето работење, но без членови од типот на малопродажните гиганти како некои големи супермаркети во земјава. Овие трговци, иако се уште го немаа регистрирано здружувањето, во неколку наврати побараа итна средба со Владата и се обидоа да влијаат на најновата одлука за ограничувањето на маржите до 30 април, со опфаќање на основните прехранбени продукти, детергентите и бебешката храна, пренесува Фактор. Главно нивниот аргумент беше дека за високите цени виновен е увозот и производителите.



Во комората членуваат 56 основачи. Иако голем број од нив се локални колонијали, буквално ги има од секоја урбана и рурална општина каде што се најпрепознатливи меѓу своите клиенти. Од Скопје најпознати се Рептил, Зур, Рисал, Григос маркети,  АсСтор маркети Скопје и други, кои имаат по неколку маркети во повеќе скопски населби.

Во самите пропишани цели на оваа комора пишува дека намерата е да се маневрира со економските и правните спорови, како и „да се подобрува регулативата“, а најважно ќе биде како да се примени Законот за заштита од нефер трговски практики, кој веке е во сила и со кој се очекува намалување на цените, но и високи казни за трговците, дистрибутерите и производителите доколку не го спроведуваат.

Претседател е Лавдрим Гега, сопственикот на маркетите „Гега“ од Струга, кој досега повеќе пати излегуваше во јавност со изјави во име на комората.

  • Оваа Комора ќе игра клучна улога во создавање на фер и стабилна деловна средина, штитејќи ги интересите на сите учесници во трговијата со прехранбени и сродни производи“, порачуваат основачите.

Комисијата за заштита на конкуренцијата минатиот месец отвори прекршочна постапка за четири големи ланци маркети за наводно формирање картел, но и против една од поголемите комори во земјава – Сојузот на стопански комори.

Од Државниот пазарен инспекторат пак минатата недела соопштија дека осум правни субјекти од кои три маркети, една аптека и тројца најголеми увозници на овошје и зеленчук се затворени на 15 дена поради непочитување на владините мерки за маржите.

  • Контролата на цените на производите е робусна и жестока како никогаш досега, рече во саботата премиерот Христијан Мицкоски и најави дека од оваа недела ќе имаат состанок за законските измени како една од мерките да се спречи ново покачување на цените по 30 април, по што, како што рече, ќе може да каже повеќе детали.

Со измените на Законот за заштита на потрошувачите, почнувајќи од средината на април трговците ќе имаат задолжителна обврска да ги објавуваат цените на сите производи на своите интернет страници.