Познати личности од шоу бизнисот и спортски ѕвезди на лондонскиот стадион Loftus Road одиграа хуманитарен Game4Grenfell фудбалски натпревар за да соберат средства и да им помогнат на настраданите од пожарот на зградата Гренфел. Организаторот продаде 20 илјади влезници што е полн капацитет на стадионот на QPR, по што сумата и е предадена на организацијата која ги распределува донациите за семејствата на 80 загинати и 70 повредени во пожарот на 14 јуни во Лондон.



Двата тима беа предводени од легендарните англиски репрезентативци Рио Фердинанд и Алан Ширер. Од светот на спортот учествуваа и Жозе Мурињо, Дејвид Симан, Џејми Реднап, Тревор Синклер, атлетичарот Мохамед Фара, Али Мекојст и многу други, меѓу кои и актерите Џејми Дорнан, Дејмиен Луис, Џек Вајтол.


На полувреме, публиката ја забавуваа Рита Ора, Емили Санде и Маркус Мамфорд.

Што се однесува до резултатот на натпреварот, тој заврши на пенали и со резултат 5-3, а решавачкиот гол го даде Мохамед Фара кој го совлада голманот Жозе Мурињо.