Пожарот на планината Галичица од Македонска страна е под контрола и нема опасност по населените места и населението кое гравитира на овој потег, ова се последните информации од екипите кои се на терен, информира градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков.
Во моментот во гаснењето на пожарот од земја се вклучени околу 120 лица, а се дејствува со два хелихоптери од страната на Охрид и од страната на Преспа. Очекувано е во текот на денот да се вклучат и уште три авиони за гаснење од воздух, вели Пецаков за состојбата денеска.
,,Поспецифична е состојбата со пожарот од преспанска страна, каде што истиот има зафатено погуста и високостеблеста вегетација и гаснењето се одвива отежнато. Гаснењето од земја е отежнато и поради тоа што на овој терен постои неотстрането старо оружје и експлозивни направи, кои по налет на огнот експлодираат. Само во текот на вчерашниот ден се слушнале повеќе од 40 експлозии”, објави градоначалникот кој благодари на сите вклучени на терен, кои со несебичен напор, ден и ноќ се борат со огнената стихија.
Пецаков упатува апел до медиумите, новинарите, населението и туристите да не шират непотребна паника, да споделуваат проверени информации и да се информираат само од релевантни извори.






