На 35 километри од Куманово, на надморска височина од 1013 метри, сместена на неовулкански рид веднаш под врвот Татиќев Камен, се наоѓа мегалитската опсерваторија Кокино. Моќно, многу моќно било чувството четири илјади години наназад да бидете дел од магијата и мистиката на оваа света планина, каде што и камењата имаат душа. Едноставно ви застанува здивот од уметноста
на вашите предци кои со неверојатна прецизност ги длабеле маркерите за одбележување на изгревањето на Сонцето и на Месечината.




Најверојатно култот на светиот брак меѓу Мајката Земја и Сонцето, култ што во тој период бил распространет низ Медитеранот е мотивот. Зборуваме за вториот милениум пред нашата ера, кога карпестиот планински врв се персонофицира како тело на Мајката Божица, Мајката Земја и во одредени временски периоди на овие одредени места, првите сончеви зраци што паѓале го означувале почетокот на таа
света врска, свет брак меѓу Земјата и Сонцето.

Ова е света планина и секое приближување кон неа буди чувство на почит. Четирите илјади години побиваат четири илјади говорници за нашето (не)постоење. Мистичноста на овој простор ве води во размислување за едно место на кое еден народ живее со генерации.