Украинската специјализирана вебстраница „Дифенс експрес“ објави дека во Украина се забележани воените хеликоптери Ми-24 што ѝ ги подари Македонија.



На една од фотографиите со кои е илустриран написот насловен „Северна Македонија веќе во 2023 година на вооружените сили им подари 12 Ми-24, од кои конечно ја има првата ‘трага’“ прикажани се двајца украински пилоти пред хеликоптер со камуфлажа карактеристична за Армијата на Република Македонија.

„Ова дава причина да се верува дека ова е всушност еден од истите 12 хеликоптери, чиј трансфер Владата на Северна Македонија ѝ го најави на Украина уште во пролетта 2023 година, а станува збор за 10 единици Ми-24Б и две единици Ми-24K (варијанта на корекција на артилеријата).

Излегува дека поминале повеќе од 1,5 година од моментот на јавното објавување на трансферот на овие хеликоптери за вооружените сили до моментот на нивното прво јавно ‘обелоденување’, но тоа всушност е сосема логично, ако се земат предвид познатите податоци за состојбата на флотата на Ми-24 во армијата на Северна Македонија на почетокот на истата 2023 година.

Овде вреди да се потсетиме дека во истата 2023 година македонското воено воздухопловство имаше само два Ми-24Б во служба, уште четири машини едноставно беа во магацин. Но, другите шест хеликоптери одамна беа конзервирани и користени само како ‘донатори на резервни делови’.

Наспроти ова, можеме да претпоставиме дека хеликоптерите Ми-24 добиени од Северна Македонија беа распоредени од Вооружените сили на Украина на следниов начин – две воени машини беа веднаш пуштени во употреба, неколку можеа да се обноват од постоечките компоненти, а останатите биле користени за ‘канибализација на резервни делови’“, се вели во написот.

„Дифенс експрес“ уште во поднасловот нагласува дека „малата балканска земја ѝ даде значителна помош на нашата армија, но таа долго време беше запоставена“, потсетувајќи дека Македонија, покрај наведените 12 Ми-24, на Украина „ѝ обезбеди и друга тешка опрема, вклучувајќи ги сите четири расположливи напаѓачки авиони Су-25 (кои беа под конзервација), како и сите достапни тенкови Т-72 во количина од 31 единица“.