„Плусинфо“  дознава дека пред извесно време била одржана средба на поранешните партиски лидери Зоран Заев, Радмила Шеќеринска, Владо Бучковски и Димитар Ковачевски, на која наводно се договарале како да се „спаси“ партијата…



На средбата не бил поканет Бранко Црвенковски, но затоа меѓу дел од членството била лиферувана лажната вест дека тој наводно му рекол на Заев да „тераат работа“.

Почнува трката за лидерската позиција во партијата по синоќешната седница на Централниот одбор на СДСМ а изборот на новиот партиски лидер ќе се одржи на 30 јуни.

„Во медиумите веќе подолго време се вртат имињата на четири можни кандидати за лидерската позиција во партијата: Венко Филипче, Јован Деспотовски, Славјанка Петровска и Стефан Богоев.

Во партиски кругови се спомнува и името на Игор Ивановски, долгогодишен член на партискиот врв, човек кој во 2013 година влезе во трката за лидер на СДСМ, но се откажа непосредно пред конгресот, кога стана јасно дека поддршка ќе добие Зоран Заев“, пишува порталот.

Според „Плусинфо“, за шансите на кандидатите можеби е клучно кој од поранешните лидери кого поддржува.

„..освен што е познато дека Заев стои зад Филипче, се шпекулира дека е направен обид поранешниот министер за здравство да се „спари“ со Славјанка Петровска, па тие во трката да влезат како двоец. Но, од друга страна, има шпекулација дека влијателен странски дипломат во Скопје ја предупредил Петровска да не се врзува за тоа друштво, бидејќи наскоро некој од околината на Заев би можел да се најде и на црната листа на САД.

За Деспотовски долго време се тврдеше дека е „човек на Шеќеринска“, за подоцна да се пласираат шпекулации дека се поврзал со крилото на Заев.

Плусинфо дознава дека истиот центар кој води подземна кампања за слабеење на позициите на Петровска, истовремено се обидува да го компромитира и Деспотовски.

Истиот центар ја шири и шпекулацијата дека Деспотовски и Стефан Богоев се неподобни за кандидати за претседател, затоа што наводно се ‘ранливи’, бидејќи наскоро би можеле да се соочат со кривични пријави, откако ќе биде избрана новата власт“.

Надвор од овој круг на потенцијални кандидати, најмалку шпекулации има за молчаливиот Игор Ивановски, кој во последниот период беше на чело на партискиот Совет за креирање и за имплементирање политики, пишува Плусинфо.