Вале И. (36) која на 13-ти јуни, откако била физички нападната од сопругот во семејниот дом во Кратово, зела кујнски нож од кујната и го прободела сопругот, а потоа и неговиот татко, се наоѓа во притвор.
На жената и е определен 30-дневен притвор, по предлог на јавниот обвинител, а сопред Основното јавно обвинителство Куманово, таа е осомничена дека сторила кривично дело убиство.
-При вршење семејно насилство на 13-ти јуни, осомничената со умисла ги лишила од живот сопругот и свекорот. По претходна вербална расправија, сопругот физички ја нападнал осомничената, удирајќи ја со тупаници во пределот на главата и телото, а потоа со рацете ја фатил за вратот и почнал да ја дави. Таа успеала да се тргне и од кујната зела кујнски нож, со кој најпрвин го прободела сопругот, а потоа и неговиот татко. Од повредите тие починале на самото место, соопштија ОЈО Куманово.
Со реакција се огласија од Платформата за родова еднаквост, од каде посочуваат дека во конкретниов случај станува збор за акт на самоодбрана, односно, за институтот нужна одбрана, а не за сторено кривично дело „убиство со умисла“, како што тврди Јавното обвинителство во своето соопштение.
Од Платформата за родова еднаквост потенцираат дека треба да се има предвид историјата на насилството и малтретирање врз жртвата В.И. и да се земе предвид дека и децата биле жртви на семејно насилство, како и институционалниот пропуст да ја заштитат жртвата, оставајќи ја сама да се брани.
-Ова не е прв случај кога жените што претрпеле семејно насилство не само што не биле заштитени од страна на надлежните институции, туку истовремено и самите биле пријавувани и третирани како сторители на семејно насилство. Бараме ова да биде последен случај на погрешно третирање на семејното насилство и повикување на одговорност на жените кои се најмногу погодени од насилството, вклучително и од отсуството на навремена и соодветна реакција од институциите, истакнаа од Платформата.





