Писмото од МПЦ крие политички заговор, смета бугарски политолог

Бугарскиот политолог Василијана Мерхеб гледа политички заговор во писмото со кое Македонска православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) бара од Бугарска православна црква (БПЦ) да ѝ стане црква-мајка.



„Изнасилено е тврдењето дека расколничката МПЦ-ОА посакала БПЦ да ѝ биде црква-мајка. Прво, зошто статусот на ова писмо е крајно сомнителен. Второ, зошто канонски БПЦ според својот Устав е наследничка на Охридска архиепископија и не може да си стане мајка сама себеси“, вели Мерхеб во интервју за бугарскиот весник „Стандарт“.

Оспорувајќи ја веродостојноста на писмото, таа прашува дали зад него стои единствено архиепископот Стефан, бидејќи на него фигурира само неговиот потпис, зошто недостигаат потписите на другите членови на Синодот и зошто тие за писмото дознале од медиумите, имало ли седница во полн состав на која би било одобрено писмото, кого претставува документот, со оглед на тоа дека не бил споделен со верниците во Македонија итн.

Заткулисните игри и политичкиот притисок, според активниот учесник во црковниот живот на БПЦ, како што „Стандарт“ ја претставува Мерхеб, се гледаат во бдеењето на вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов пред седиштето на БПЦ при разгледувањето на писмото од МПЦ-ОА, во барањето од европарламентарците Ангел Џамбаски и Андреј Ковачев за промена на црковниот канон „бидејќи ситуацијата го налага тоа“, во сеприсутноста на синодски лица во бугарските медиуми, во гесот на премиерот Бојко Борисов со бакнувањето рака на владиката Наум и средбата со македонскиот колега Зоран Заев во манастирот во Водоча…

„Наместо трактати и вежбање канонско право од псевдоексперти, неопходно е да се разјаснат наведените прашања и ставови, со што ќе се разбере чија е, всушност, ‘подадената рака’ кон БПЦ. Тогаш и комисијата создадена од БПЦ би можела да процени дали да се прифати или да се откаже целосна соработка во однос на македонското писмо“, предлага политологот.