Националистичките кругови во Бугарија се кренаа на нозе по настапот на пејачката Василија Петрова, родена во Ќустендил, на вчерашниот Семакедонски собор за 110 години од загинувањето на македонскиот револуционер Јане Сандански, обвинувајќи ја за предавство и барајќи од неа да се откаже од бугарското државјанство.
„Срам и предавство во Мелник!
Денес, за време на настанот на промакедонистичката организација ОМО ‘Илинден’ пред споменикот на Јане Сандански во Мелник, бугарската фолклорна пејачка Василиа Петрова шокираше со своето учество. Пејачката, родена во Ќустендил и позната од ‘Гласот на Бугарија’, која сега се претставува како ‘Василија’ и официјално ги негираше своите бугарски корени во неколку интервјуа за северномакедонските медиуми, учествуваше на антибугарскиот срамен собир“, пука од сите оружја Фејсбук-страницата „Куберов воин“.
Наведувајќи дека Петрова е во процедура за добивање македонско државјанство, во продолжението од објавата нејзиното предавство се аргументира со обвивањето со македонското државно знаме и со националното со Сонцето од Кутлеш, потоа пишувањето на „измислениот македонски јазик“ насекаде, како и означувањето за небугарски на песните од „географската област Македонија“.
„Вчера во Мелник — пред споменикот на бугарскиот револуционер — таа учествуваше во навреда против својата татковина. Уште еднаш.
Од ‘Куберов воин’ ја повикуваме Василија Петрова веднаш да се откаже од бугарското државјанство! На Бугарија не ѝ се потребни предавници кои јавно се потсмеваат на споменот на бугарските револуционери и на нашата национална чест“, ѝ порачаа на пејачката во писанието што го презедоа бугарски медиуми.
Василија Петрова, која гради музичка кариера во Македонија, во средината на февруари беше една од топ-темите во јавноста кај источниот македонски сосед поради изјаснувањето како Македонка.






