Полесно од што изгледа, побрзо од што мислите, а ќе бидат задоволни сите членови на семејството.
Состојки:
-8 пилешки копани
-сол и црн пипер, по вкус
-3 лажици маслиново масло
-1 лажица путер
-800 г доматен сос со парчиња домати од конзерва
-2 полни лажици доматно пире
-свежи билки: босилек, магдонос, жалфија, рузмарин
-8 чешниња лук
-400 г тестенини
-рендан пармезан
-150 мл бело или црвено вино

Подготовка:
Загрејте ја рерната на 200 степени. Зачинете ги пилешките копани со сол и црн пипер. Загрејте го потоа тенџерето на средна температура. Додајте ги маслиновото масло и путерот. Кога ќе се загреат, додајте ги пилешките копани. Пржете ги вртејќи ги од сите страни, околу 2 минути. Извадете го пилешкото од тенџерето.
Истурете го виното во тенџерето, стружејќи по дното за остатоците од пилешкото да се растопат во виното. Динстајте 1 минута. Додајте ги сосот со домати и доматното пире. Зачинете со сол и црн пипер по вкус и измешајте. Зовријте го сосот, а потоа исклучете ја ринглата. Додајте ги свежите билки, 8 излупени (но цели) лукчиња и пилешките копани. Промешајте, префрлете го јадењето во тава за печење со капак, покријте ја со капакот и печете во рерна 1 час.
Извадете ја тавата од рерната и оставете ја да се лади покриена со капакот, додека вие ги варите тестенините.
Сварете ги тестенините, исцедете ги и префрлете ги во голем сад за послужување.
Тргнете го капакот и проверете го сосот. Ако е премногу редок, извадете го пилешкото од него и варете го сосот на рингла 5 до 10 минути. Проверете дали е добро зачинето.
Прелејте го сосот врз варените тестенини, па одозгора наредете ги парчињата пилешко. Одозгора попрскајте со рендан пармезан и послужете.





