Петров: Извршна власт е градоначалникот, а не советниците

Една третина од државата живее во градот Скопје и не е логично да живееме во град кој не функционира само заради тоа што сме заробеници на нечија суета и само заради тоа што некој не знае да си ја врши работата како што треба, вели поранешниот градоначалник на Општина Карпош и поранешен претседател на ЗЕЛС, Андреј Петров, за Телевизија Алсат.



„Извршната власт е градоначалникот, не се извршната власт советниците. Градоначалникот мора да најде начин да направи релација со нив, тоа му е обврска, значи таа релација не треба да биде врз база на меѓусебни договарања и дилови туку врз база на почитување на интересите на градот, да се види што се главните проблеми и како да се решаваат. Сигурно има стручни служби кои знаат точно за што се работи, кои ја имаат скенирано состојбата во детали“, рече Петров.

Друг проблем за Петров е и немањето компететни луѓе, вели на раководните позиции во градските претпријатија раководат лаици кои граѓаните не можат ниту да ги видат на терен, што тврди дека не било случај во минатото. Петров потенцира дека независно од политичката определба, кога се работи за проблеми од интерес за граѓаните, мора да се седне со маса и да се најде решение.

„Треба да има ефикасна администрација, а не гломазна партиски натрупана администрација и потоа имаме долгови. Па во приватна фирма да ја имате, ако таа може да работи со 10 луѓе, а вие работите 100, таа ќе пропадне и вие ќе ја затворите. Истото се случува тука со градот, мислам дека пет минути после дванаесет е дека треба да се најде решение и дека треба да седнат на една маса и советниците и градоначалникот на градот и да понудат решение кое ќе биде во интерес на граѓаните. Не не интересира нас како граѓани кој е во право, нас не интересира да имаме чист град, да имаме ефикасен градски превоз, да имаме зеленило наместо оваа пожолтена трева што ја имаме насекаде“, вели Петров.

извор : https://alsat.mk/mk/petrov-izvrshna-vlast-e-gradonachalnikot-a-ne-sovetnitsite/