Една жена од трите повредени лица при падот на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад почина 17 дена по трагедијата, со што бројот на жртви порасна на 15.
„Со жалење мораме да соопштиме дека денеска, 17 дена по трагичниот настан на железничката станица, почина уште една жртва во несреќата што се случи во Нови Сад. Станува збор за девојката која беше најтешко повредена. И покрај сите напори на лекарите од УКЦ Војводина, дојде до смртен исход“, изјави в.д. директорката Весна Туркулов за Радиотелевизија на Србија.
Таа изрази сочувство до семејството на починатата девојка и додаде дека борбата за животите на преостанатите преживеани продолжува.
„И понатаму станува збор за пациенти со поивреди опасни по животот, но борбата и понатаму трае“, рече професорката Туркулов.
Четиринаесет лица загинаа при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.
Премиерот Милош Вучевиќ најави дека до крајот на неделата се очекуваат вести за нови оставки и го повика надлежното обвинителство да соопшти до каде е истрагата.
Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ на 5 ноември поднесе оставка.
Истрагата за несреќата на железничката станица во Нови Сад е во тек. Обвинителството во Нови Сад досега сослушало 71 лице.






