На денешен ден, на 7 јуни се навршуваат 147 години од раѓањето на македонскиот војвода Петар Ацев, револуционер, соборец на Никола Карев, претседателот на Крушевската република, во епопејата на Илинденското востание и учесник и во легендарната „Битка кај Ножот“ во 1907 година. Со својот живот и со своето револуционерно дело Петар Ацев останува засекогаш впишан со златни букви во незаборавот на колективното помнење на македонскиот народ и неговата борба за слобода и основање своја македонска држава.
Петар Ацев е роден на 7 јуни 1877 година во селото Ореовец, Прилепско. Завршил VI клас во Првата машка гимназија во Софија. Во 1895 година, под влијание на неговиот сограѓанин Ѓорче Петров, заедно со браќата Мирче и Ѓорѓи се вклучил во револуционерната дејност на Македонската револуционерна организација. По препорака на Ѓорче Петров се враќа во Македонија, каде што во периодот од 1897 до 1901 година работи како учител, но и како извонреден револуционерен организатор во Прилепско, Крушевско, Демирхисарско и Кичевско.
Во 1902 година, по Битолската афера (провала) поврзана со нелегално пренесување оружје, Петар Ацев преминува во илегала, по што застанува на чело од Крушевската чета. Подоцна е назначен како војвода на Прилепската чета, каде што негов четник бил и Крсто Гермов (Шаќир војвода). Петар Ацев во 1903 година бил претставник на Прилепскиот револуционерен реон на Смилевскиот конгрес и бил еден од главните противници за кревање на востанието. На конгресот, заедно со Георги Поп Христов и Лазар Поп Трајков е избран како резервен член на главниот штаб составен од Даме Груев, Анастас Лозанчев и Борис Сарафов.
Избран е и за член на Горското началство во Прилепско и Мариовско. Иако бил противник за предвремено кревање востание, Петар Ацев се поттчинил на решението од конгресот и активно учествува во организирањето на востанието. По задушувањето на Илинденското востание Ацев е еден од ретките војводи, кој не ја напуштил Македонија. Учествувал во многу борби со Турската власт, како и со засрпските и грчките пропагандни чети. Во 1904 година учествува во Прилепскиот конгрес, каде што се изјаснува против предлогот на Пере Тошев за целосна децентрализација во Организацијатата. Избран е и како член на Битолскиот окружен револуционерен комитет. На 28 јуни 1904 година четите на војводите Петар Ацев и Никола Каранџулов воделе борба со турскиот аскер во месноста „Ќулето“ кај село Селце, во која загинал Никола Каранџулов.
Во 1905 година неговата чета заедно со четата на Никола Карев се враќа од Бугарија во Македонија, но во судирот со турскиот аскер во близина на селото Рајчани, Кратовско, загинуваат Никола Карев и 17 четници од двете чети, а Петар Ацев е ранет. Веќе следната година Петар Ацев повторно е во Прилепско и води борба на три фронтови: против србоманските чети, против грчките андарти и против Турците. Летото 1907 година, четите на Организацијата пружаат силен отпор во реонот на Азот и Порече, со цел да ги потиснат четите на српската пропаганда.
Во јули, обединетите чети на Петар Ацев, Михаил Чеков, Мирче Најденов, Георги Мариовски, Тане Николов и Христо Цветков се групираат во реонот на планината Бабуна меѓу селата Попадија, Никодин и Ракле – вкупно околу 150 добро вооружени четници. Но, набрзо србоманите ги информирале турските власти за тоа каде се наоѓаат четниците. Дознавајќи за предавството, четите се делат во две групи: првата – под команда на Петар Ацев, Тане Николов и Георги Мариовски – остануваат во областа на Попадиските Чукари, а втората – на Михаил Чеков, Христо Цветков и Мирче Најденов ги заземаат позициите околу месноста Ножот во околината на Никодин, каде што набрзо се опкружени од многуброен турски аскер.
На 14 јули 1907 година, одбивајќи ја понудата за безусловно предавање, четниците на Костурската чета кои биле на позициите на Ножот се борат до последниот куршум при што загинуваат 67 четници, додека останатите се повлекуваат. Четниците, кои ги држеле позициите на Попадиски Чукари, заедно со селската милиција воделе жестоки битки со турскиот аскер, по што успешно го одбиле нападот и се повлекле по Попадиска река. Во 1908 година по Ќустендилскиот конгрес, заедно со Петко Пенчев, Павел Христов, Ефрем Чучков, Аргир Манасиев и Стамат Икономов, Петар Ацев бил избран за дополнителен член на ЦК. По Младотурската револуција тој излегол од илегала и се населил во Прилеп. Две години подоцна бил уапсен и 15 месеци бил носен по разни затвори низ Македонија и Мала Азија. Бил ослободен во средината на 1911 година, по што се населил во Пловдив.
Учествувал како доброволец во Балканските војни, а потоа и во Првата светска војна. Петар Ацев учествувал во Привременото претставништво на поранешната ВМРО, а подоцна бил член и на Илинденската организација. По создавањето на ВМРО (обединета) се обидел да привлече колку е можно повеќе луѓе со тежина и авторитет во движењето за ослободување на Македонија. Но согледувајќи дека организацијата била создадена со цел да спроведе надворешна противнационална политика, Ацев излегува од ВМРО (обединета). По убиството на Тодор Александров, во септември 1924 година за време на Горноџумајските случувања по низата атентати, кои ги извршила десницата на македонското националноослободително движење врз припадници на левицата во септември, по неуспешниот атентат и врз него Петар Ацев бил полесно ранет. Починал во Пловдив на 20 април 1939 година.
Извор: „Македонска нација“





