Претседателот и кандидат за уште еден мандат, Стево Пендаровски на митингот во Куманово изрази уверување дека во следниот парламентарен состав ќе се најдат 80 пратеници кои ќе ги донесат измените на Уставот и на тој начин ќе обезбедат европска иднина за државата.
„Дали тоа му се бендисувало некому или не, тоа е сега предуслов да продолжиме и на крај да влеземе во ЕУ.
Јас се надевам дека следниот парламентарен состав ќе има две третини, на да ги наречам државотворни пратеници кои нема да водат сметка само за својот џеб или за своето семејство, ќе водат сметка и за сите и за младите генерации кои нема потреба да ги тераме да заминат надвор од државава чекајќи да станеме членка на ЕУ, да одат во Нов Зеланд или не знам каде во светот, туку треба тука да имаат шанса, прва шанса дома да се успее, да се направи кариера, да се формира семејство и да се има среќен живот.
Тоа го знаат сите во Европа. И овие од ВМРО-ДПМНЕ го знаат тоа, меѓутоа велат да дојдеме прво на власт па ќе ви кажеме што ќе правиме после 9 мај. Јас мислам тоа се политички мешетари од најдолен балкански вид“ изјави Пендаровски пред граѓаните на Куманово.






