„Офицери во српски униформи се видени на свеченото отворање на српскиот конзулат во Куманово. Не станува збор за воено аташе од амбасадата, туку се гледаат некои униформирани лица. Што значи нивното присуство на церемонија од ваков карактер?“ – истакнува Насер Пајазити, одговорниот уредник на информативнaта агенција на албански јазик Илирија –ИНА, во објавата на својот фејсбук-профил, која ја објавува и оваа агенција под наслов „Српски офицери во земја на НАТО, кој гo дозволи ова?!“.
Пајазити пишува: * Македонија како земја-членка на НАТО има специфични безбедносни правила и постапки за влез и учество на воени офицери од земји, кои не се дел на НАТО, вклучително и Србија. Се поставуваат прашања до државните институции, а секако дека и НАТО е заинтересиран за почитување на протоколите и правилата од страна на една земја-членка.
Дали имаат дозвола, или одобрение од соодветните безбедносни институции, почитувајќи ги билатералните договори и протоколите на НАТО? Затоа што на воениот персонал од земјите надвор од НАТО, вклучително и Србија, ќе им треба посебна дипломатска и воена дозвола од македонските власти. Ова вклучува одобрение од Министерството за одбрана и Министерството за надворешни работи. Дали се исполнети овие услови?
Земја-членка на НАТО има ригорозен процес за третирање на воени офицери од земји, кои не се членки. Да не ги запоставуваме лесно ваквите случаи!





