Пајазити: Ако не исчезнат етноцентричните политики, нови опции можат да ја поткопаат стабилноста на РМ, но, сепак, неа ја штити НАТО!

„На етничката и културната различност треба да се гледа како на предност. Етноцентричните политики мора да исчезнат, бидејќи ние сме мултиетничка држава. Во спротивно, може да се појават нови опции, кои ќе ја поткопаат стабилноста на земјата. Во спротивно, ќе се зголеми бројот на бугарски пасоши и билети во еден правец за Германија и пошироко. Во спротивно и младите Албанци ќе продолжат да бегаат и да ги празнат нашите населби. Но, што се однесува до безбедноста, Македонија е, сепак, заштитена од НАТО Алијансата. На надворешнополитички план не треба да има друга алтернатива, освен европскиот пат.“ – вели Мухамер Пајазити, професор по евроинтеграции во Правниот факултет на државниот универзитет во Тетово, во својата колумна со наслов „Жешка есен и студен јануари на ДУИ“. Колумната ја објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА.



Покрај другото, Пајазити пишува: Од Демократската унија за интеграција најавуваат жешка есен. Иако се уште не се исчистила од гнојот и злото, ДУИ се стреми да се врати на власта час поскоро. Според плановите и желбите на нејзините доживотни функционери и министри, ДУИ ќе седне во жешките владини фотелји во студениот јануари. Звучи како романот на Вилијам Шекспир, „Сон на летната ноќ“, каде што авторот ги изразува своите соништа и замислувања. „Во јануари се враќаме на власт!“ – оваа зачестена фраза ги теши политичарите на ДУИ, но стана и инфузија за нејзиното членство.

Битката на ДУИ ќе почне во септември од Струга до Сопот. Во секој град оваа партија ја чекаат жртвите на нејзиното 20-годишно владеење и бедата што ја остави зад себе. Корупција, црна листа, наместени судски случаи, рации во албанските региони, масовна миграција, недостаток на инвестиции во албанските населби, политизираност на образованието и на вработените во него…

По повеќе од 20 години на власт сега ДУИ се однесува како нова невеста, изненадувајќи ги пријателите со шминката и новата облека. Но, вистината е дека половина од нејзините  пратеници се познати по многу коруптивни и неморални афери. Затоа се потребни чистење и длабоки реформи: во оваа партија има млади и образувани луѓе, кои имаат кредибилитет да ја возобноват.

Спротивното на ова ќе не натера да повраќаме и нема да успеат да ѝ го продадат на јавноста. Доживотните министри и директори мора да одговараат за своето неработење и мможните злоупотреби, кои мора да ги докаже независната правда. Во овие околности ДУИ никогаш нема да може да ја урне коалицијата Вреди од власт. Вреди може да ја отстрани од власта некоректно и некооперативно однесување на ВМРО ДПМНЕ.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски се наоѓа пред многу сложен крстопат и одлуките, што ќе се донесуваат во наредните денови и месеци ќе бидат важни за иднината на државата. На внатрешен план ако тој ги смета мандатите на својата партија како можност за мајоризација врз демократијата, или Албанците и другите заедници, тогаш ќе погреши многу. Во совладеењето со коалицијата Вреди тој мора да ги почитува барањата на Албанците за еднаквост и консензуална (договорна) демократија.

Новата влада мора да се заснова врз принципите на законитоста и еднаквоста. Мора да дојдат до израз човечките вредности и меритократијата (владеење според заслугите и способностите – заб.прев.). Партитократијата (тоталитарен режим на владеење кога партиите одлучуваат за севкупниот општествено-политички живот во една држава – заб.прев.) и корупцијата мора да се отстранат. Ако продолжи лажниот национализам како изговор за пљачкање на државата, тогаш таа ќе остане оаза, во која ќе живеат само корумпираните политичари и нивните семејства.