Бугарска православна црква (БПЦ) и Македонска православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) во најскоро време да бидат во единство, посакува бугарскиот патријарх Неофит во писмото што неговиот пратеник, епископот велички Сиониј, го врачи на денешното чествување на празникот Свети петнаесет тивериополски свештеномаченици во Струмица.
„Во овој празничен ден нашите молитви кон семоќниот Бог се со вас, со сето ваше богодарувано царство и со црквата во Република Македонија. Нека благослови Господ, во најблиска иднина да бидеме во посакуваното од сите единство и во благодатно евхаристиско општење“, се вели во пораката.
Митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј му заблагодари на бугарскиот патријарх за вложените напори за признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА.
На богослужбата присуствуваа и митрополитите Јосиф од тетовско-гостиварската епархија, Наум од струмичката и Јосиф од кумановско-осоговската, а од државниот врв премиерот Зоран Заев.





