Парламентите на Албанија и Косово ќе се „координираат за националната агенда“ и „заштитата на Албанците“, значи ли ова „дебата“ и за Македонија?!

Парламентите на Албанија и Косово ќе одржат заедничка седница утре, на 20 декември 2024 година, во Приштина со почеток во 11 часот. На заедничката седница ќе учествуваат 70 пратеници од албанскиот парламент и 60 пратеници од косовскиот парламент. На неа ќе учествуваат и косовскиот премиер Албин Курти и албанскиот премиер Еди Рама. Пред пет дена Елиса Спиропали, претседателката на албанскиот парламент во врска со оваа заедничка седница изјави: „Ова Собрание доаѓа како потреба за координирање на нашата албанска национална агенда, заради остварување на стратегиските цели, за зачленување на Албанија во Европската Унија, за евроатлантските интеграции на Косово, заштитата и унапредувањето на правата на Албанците, како и за зголемувањето на придонесот на албанскиот чинител во развојот, демократизирањето, мирот и безбедноста во регионот и пошироко.“ Изјавата на Елиса Спиропали е објавена на официјалната фејсбук-страница на Парламентот на Албанија. Паѓа во очи изразот, што го употреби Спиропали: „Ова Собрание“, како да ќе се одржи седница на еден парламент на една држава, а не дека ќе биде седница на два парламента. Треба да се посочи и на формулацијата „заштитата и унапредувањето на правата на Албанците“, која наметнува прашање: дали двата парламента ќе ја координираат утре во Приштина албанската национална агенда и во врска со позицијата и правата на Албанците од Македонија?!



Првата парламентарка на Албанија Спиропали остана запомнета по својата изјава од 10 декември 2024 година, дадена по средбата со лидерот на ДУИ Али Ахмети во Тирана, со која таа изврши директно и грубо мешање во внатрешните работи на суверена Република Македонија. „Со добриот пријател и мудар политичар Али Ахмети, претседател на ДУИ, разговаравме за унапредување на правата на Албанците во * Македонија, кои се и треба да бидат неповратни. Разговаравме за конструктивен ангажман на албанските политички субјекти и на Албанците во пријателската и соседна земја, за изградба на општество и целосно демократска земја, со социјална кохезија и еднаквост за сите граѓани. Разговаравме за посветеноста на албанскиот чинител во забрзувањето на членството на * Македонија во Европската унија.“ – кажа тогаш Спиропали.

Истиот ден, на 10 декември 2024 година, откако го означи Али Ахмети како „херој на албанскиот народ, кој ќе му треба на тој народ и натаму на долгиот пат, кој претстои“, албанскиот премиер Рама изврши уште погрубо и побезобѕирно мешање во внатрешните работи на македонската држава, осмелувајќи се да дели политички лекции дека „употребата на албанскиот јазик и другите граѓански права на Албанците не се прашање за Уставниот суд, ниту на законите“! Во таа пригода, дури, Рама ги означи Албанците од Македонија како „еден од двата нејзини државотворни народа“.

Останува да се види дали и утре на заедничката седница на албанскиот и косовскиот парламент во Приштина ќе се чујат политички изјави и пораки, со кои ќе продолжи праксата на недозволивото мешање во внатрешните работи на друга држава, на Република Македонија. Инаку, утрешната седница ќе ја отворат со своите говори Глаук Коњуфца, претседателот на косовскиот парламент, и Елиса Спиропали, претседателката на албанскиот парламент. Ќе ја затворат со своите говори Албин Курти, премиерот на Косово, и Еди Рама, премиерот на Албанија.