„Наспроти Владата на СДСМ и ДУИ, кои ја криеја вистината, неа ја откри кредит-рејтинг агенцијата Фич. Оваа агенција потврди дека економскиот раст во 2023 година е само 1 процент, пониско од очекувањата на сите меѓународни институции, на Владата и на Народната банка на Македонија. Растот и со наредните ревизии ќе биде низок и недоволен да ја скрие и да ја покрие расипничката политика на Владата во заминување. Ова е најлошо водење фискална политика од осамостојувањето наваму. Ова е најлоша Влада на економски план. Оваа Влада нѐ задолжи и нѐ упропасти за поколенија и поколенија.“ – истакнува аналитичкиот портал за финансии и банкарство „Пари.мк“ во својата анализа со наслов „Фич потврди дека економскиот раст во Македонија е само 1 отсто во 2023 година, помалку од очекуваниот, а буџетскиот дефицит е 4,9 отсто од брутодомашниот производ, повеќе од планираниот“.
Покрај другото, во анализата натаму „Пари.мк“ пишува: Како една од главните причини за нискиот економски раст „Фич“ потврдува дека е побавниот почеток на проектот на Коридорот 8/10д од очекуваното и лошите земјоделски перформанси. „Фич“ со ова потврдува дека Коридорот 8/10д е во застој. Ова го отвора прашањето: за што се потрошија 236 милиони евра од буџетот, кои беа префрлени за проектот? „Фич“ констатира дека нема зголемено производство на храна, наспроти тврдењата на Владата дека го помагаат системски земјоделството и тоа со многу пари. И тука, нема раст на производство, ама се даваат пари?
Според соопштението на „Фич“, буџетскиот дефицит во 2023 година е 4,9% од бруто домашниот производ, што е далеку од планираните 4,6%, и далеку од 3% од БДП, што е пропишано во Закон. Главен фискален ризик, според „Фич“, е изградбата на Коридорот 8/10д, којшто се оценува дека ќе зема 2 проценти од брутодомашниот производ годишно во наредните пет години. Овој проект е главниот фискален ризик, поради можните пречекорувања на трошоците и немањето конечна проценка на трошоците за проектот. Потврдено е дека нема конечна проценка – за она за што алармиравме!
„Фич“ очекува намалување на каматната стапка на Европката централна банка (ЕЦБ) (во јуни) за да започне циклусот на монетарно олеснување во Македонија. Со ова „Фич“ како да потврдува дека централната банка не ја води монетарната политика од сопствени видувања за влијанието на домашните фактори за инфлацијата, туку чека ЕЦБ да реагира, па таа да следи. Задоцнетата реакција од НБРМ на силните домашни притисоци, чекајќи ја ЕЦБ да затега, доведе до двојно повисока домашна инфлација од еврозоната. Во Европа сме на 9-то место по поскапување на животот во последните две години. И не баш така успешна монетарна и владина политика нели? И сега…
Само во периодот од 1.1-4.4.2024 година буџетскиот дефицит изнесува 390 милиони евра, или 72 отсто од планираното за целата 2024 година! За што ги потроши оваа Влада парите за речиси целата година, штом не ги зголеми платите во образованието, во здравството? КАДЕ отидоа парите?
За камати на долг, кој го направи истата оваа Влада за само три месеци од 2024 година, плативме сите ние 115 милиони евра. И за ова предупредувавме. Ова е најлошо водење фискална политика од осамостојувањето наваму. Ова е најлоша Влада на економски план. Оваа Влада нѐ задолжи и нѐ упропасти за поколенија и поколенија.





