„Уште од 1995 година велам едно и исто – овие ‘преговори’ нема никаде да нѐ однесат и тоа мора да им биде јасно на сите. Сигурен сум дека Никола Димитров, шефот на македонската дипломатија, кој најдобро ја познава грчката лицемерност, ќе ја искористи оваа скандалозна изјава, која ја навредува не само Македонија, туку и ООН и целиот процес. Оваа изјава треба да се користи како доказ за тоа кој е виновен кога преговорите ќе запрат. А дека ќе запрат, тоа е повеќе од сигурно“, вели Јоргос Пападакис, новинар, аналитичар и долгогодишен познавач на овој спор, по повод скандалозната изјава на грчкиот премиер Алексис Ципрас дека не постои македонска нација.
Изјавата, подоцна беше ублажена со објаснување дека грчкиот премиер мислел на непостоење на македонска нација во античко време, кога не постоела ни атинска нација, на пример.
Изјавата, сепак, има своја „тежина“ имајќи предвид дека до 18-19 век воопшто не постоеле нации…
Како што пренесува МКД.мк, Пападакис оценува дека уште еднаш официјална Грција, преку Ципрас, покажа кои ѝ се вистинските намери во врска со името на Република Македонија. Тие сакаат да не се најде никакво компромисно решение освен Македонците да прифатат нешто друго од тоа што се.
Во емисијата „60 минути со…“ на ТВ Алфа, Пападакис уште во средината на декември изнесе мислење дека Грција и Македонија сепак нема да успеат да го решат спорот околу разликите за името.
„Велат сега постојат можности. Но, можности постоеја и првата година кога почна овој спор, но тоа не се случи“ вели пападакис кој смета дека постои едно лицемерство од страна Атина во врска со ова.
Грците не сакаат да се реши проблемот. Тие и затоа предлагаат такви лоши решенија како „северна“ или „горна“ знаејќи дека секаде во светот каде што има северна и јужна има проблеми. Погледнете ја Кореја, Ирска…





