Во федералниот процес против поранешниот американски претседател Доналд Трамп е поднесено ревидирано обвинение за обид за изборна измама, пренесува Дојче веле.



Тимот на специјалниот истражител Џек Смит повторно поднесе преработено обвинение откако американскиот Врховен суд, со неговото десничарско конзервативно мнозинство, на почетокот на јули пресуди дека Трамп ужива имунитет за одредени дела во својство на претседател.

Поради историската одлука на судот, Смит и неговиот тим мораа да го прилагодат обвинението во случајот против Трамп за повторно да го придвижат.

Позадина на постапката се настаните од 6 јануари 2021 година, кога поддржувачите на Трамп  насилно упаднаа во зградата на парламентот во Вашингтон.

Пред упадот во Капитол, Трамп се обиде  на различни нивоа да го поништи резултатот од претседателските избори во 2020 година и да го смени неговиот пораз во тоа време против демократот Џо Бајден.