Независниот кандидат за советник од Кичево, Алит Абази, и носител на независна кандидатска листа на локалните избори, кој минатата недела беше застрелан – почина утринава на Клиниката за трауматологија во Скопје.
Абази починал околу четири часот утрово од здобиените повреди.
„И покрај сите напори на лекарскиот тим да го спаси Абази, тој утрово подлегна на повредите“, велат од Министерството за здравство, пренесуваат медиумите.
На 27 септември во престрелка пред Основниот суд во Кичево, тој беше ранет кога кичевецот Абдула А. со пиштол пукал во него и во Дестан Абдиу и во Шабан Далити.
Абази тогаш се здобил со тешки повреди во стомакот и р’бетниот столб.
Според првичните сознанија, причина за пукањето биле меѓусебните недоразбирања, за кои напаѓачот и повредените воделе и судска постапка.
Смртта на Абази доаѓа два дена по предупредувањето на Маја Коцијанчич, но и на американската амбасада кои побараа смирување на тензиите по неколкуте инциденти со тешко повредени.





