„Цел на идејата за уставно и територијално предефинирање на Македонија како држава е да се оспорат суверенитетот, идентитетот, па и постоењето на македонскиот народ. ‘Адутот’ на ваквите политички провокации, што го содржат потенцијалот на закани и за посегнување по оружје, е затегнување на жицата на меѓуетничките односи, особено од субјекти од албанскиот политички чинител.“ – нагласува новинарката Јасминка Павловска во својот коментар со наслов „Стоте стапа врз Македонија не ја болат ЕУ“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, Павловска пишува: Сѐ почесто ѝ се поставуваат на Македонија предизвици на внатрешен и надворешен план од воспоставувањето на нејзината независност како држава. Предизвиците на внатрешен план речиси постојано се „инспирирани“ од една идеја за уставно и територијално предефинирање на државата, со цел да се оспорат суверенитетот, идентитетот, па и постоењето на македонскиот народ. „Адутот“ на ваквите политички провокации, што го содржат потенцијалот на закани и за посегнување по оружје, е затегнување на жицата на меѓуетничките односи, особено од субјекти од албанскиот политички чинител.
За надворешните искушенија за стабилноста на Македонија се „грижат“ Грција и Бугарија, кои членството во ЕУ го користат, за да ја вовлечат и Унијата во остварување на нивните анахрони и непринципиелни национални амбиции. Манипулирајќи со институциите на Европската Унија, грчките и бугарските политичари настапуваат со говорот дека се „главни поддржувачи на политиката за проширување на ЕУ со земјите од Западниот Балкан“, вклучувајќи ја и Македонија, а потоа се закануваат со вето и уцени за македонските евроинтеграции.
Без воздржување се закануваат дури и со економски опструкции за Македонија, засега само грчките политичари, еднаш веќе применети со отворена намера за уништување на (тогаш) новата самостојна држава и негирање на постоењето на македонскиот народ. Таквиот став за непостоење на македонскиот народ е традиционален лајтмотив на бугарската политика, што ѝ е наметнат и на Европската Унија, која го вгради во предложената преговарачка рамка за Македонија. За релативно кратко историско време во независното државно постоење на Македонија е насобрано преголемо искуство на „сопствена кожа“ во справувањето со апсурдните предизвици за самостојното постоење на државата.
Последното искуство со препуштање на судбината на Македонија и Македонците на нечија „туѓа мудрост и милост“ за побрзо европско и евроатланско интегрирање се покажа во голема мера како „неверодостојно ветување“ или дури и измама, но и вовед во нови уцени. Таквото болно искуство за Македонците во овој миг бара неизбежно да се преточи во мудрост и зрелост за донесување одлуки и преземање одгорност за одржување на државниот интегритет на Македонија и нејзините национални интереси, дури и кога станува збор за евроинтеграциите. Македонија не се откажува од амбицијата за усвојување на европските вредности и стандарди, но и ЕУ не смее повеќе да ги приспособува и да ги погазува своите принципи и вредности кога ги применува врз Македонија!
Home Македонија Павловска: Идејата за уставно и територијално редефинирање на РМ ги оспорува суверенитетот...





