Осум министри за надворешни работи на Европската унија ја повикаа ЕУ да го забрани слободното движење на руските дипломати во Унијата и да ги ограничи на земјите каде што се акредитирани, се вели во писмото до шефот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел.



„Слободното движење на имателите на руски дипломатски и службени пасоши акредитирани во една земја низ Шенген зоната ги олеснува злонамерните активности“, се вели во писмото, датирано на 11 јуни во кое имал увид Ројтерс.

Министрите сметаат дека разузнавањето, пропагандата и подготовката на акти на саботажа се главни задачи за голем број руски „дипломати“ во ЕУ, и иако протерувањето на дипломатите останува важен механизам – заканата останува.

„Сметаме дека ЕУ треба строго да го следи принципот на реципроцитет и да го ограничи движењето на членовите на руските дипломатски мисии и нивните семејства на територијата на државата каде што се акредитирани“, додаваат тие.

Писмото го потпишаа министрите за надворешни работи на Чешка, Данска, Естонија, Латвија, Литванија, Холандија, Полска и Романија.

Полска, како одговор на руската „хибридна војна“ против ЕУ, веќе го ограничи движењето на руските дипломати низ земјата. Ова го соопшти полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.