„Министерот за надворешни работи Бујар Османи и претседателски кандидат од редовите на ДУИ најавува дека меѓу темите на неговата кампања ќе бидат и уставните измени заради регистрирање на Бугарите, бидејќи смета дека без отворање на поглавјата земјата не може да оствари сериозен чекор во процесот на евроинтеграциите. Османи најавува дека во неговата кампања тема ќе биде и изборот на претседател на државата во Собранието.“ – објави телевизијата на албански јазик Шења.
ТВ Шења пишува: Османи беше запрашан: Дали ДУИ со покренувањето на прашањето на избор на претседател во Собранието како нов, дополнителен услов за коалицирање по изборите, покрај оној за вклучување на Бугарите во Уставот, не го кочи процесот на евроинтеграциите, односно ако овие уставни измени бараат да се реализираат заедно, во исто време? Околу ова Османи одговори дека тоа е прашање за кое ќе се разговара дополнително. „Ние ќе истапиме на изборите со барање, со идеја претседателот да се избира во Парламентот. Веруваме дека ова ќе биде една додадена вредност.“ – нагласи Бујар Османи.
Околу тоа дека нема да има коалиција со онаа партија, што нема да го прифати овој услов, тој нагласува дека тоа е прашање, кое ќе зависи од исходот каков ќе биде одговорот на граѓаните на изборите кон овој предлог и, како што додава, ќе зависи и од „од политичките разговори што ќе уследат“. Тој најави дека ќе ја промовира својата програма, која засилено се разработува со локални и меѓународни експерти. Ќе има своја веб-страница како претседателски кандидат и ќе им се обраќа на сите граѓани без разлика на етничката припадност.
Ако не влезе во вториот круг од претседателските избори, на прашањето за кого ќе ги повика своите приврзаници да гласаат и дали тоа ќе биде Стево Пендаровски, кого ДУИ го поддржа во 2019 година, или ова ќе зависи од „политичкиот пазар“ за уставните измени, Османи одговори дека очекува да обезбеди место во вториот круг. „Не треба да зборуваме за претпоставени ситуации. Се надевам дека ќе влезам во вториот круг и потоа ќе побарам поддршка од оние, кои нема да влезат во вториот круг.“ – рече Бујар Османи, претседателскиот кандидат од ДУИ.





