Премиерот на Унгарија во Москва се сретна рускиот претседател Владимир Путин. Тоа беше шок за Брисел, од каде што порачаа дека тоа што го прави Орбан е на своја рака, а од него попладнево пристигна и првата изјава на руско тло.
– Мирот во Украина не може да се воспостави со седење во удобна фотелја во Брисел, напиша унгарскиот премиер Виктор Орбан на социјалната мрежа Икс.
„Иако ротирачкото претседателство со ЕУ нема мандат да преговара во име на ЕУ, не можеме само да седиме со скрстени раце и да чекаме војната магично да заврши. Ќе бидеме важно средство за преземање на првите чекори кон мирот. Токму од тоа се состои нашата мировна мисија“, рекол Орбан, пренесува Спутник.
Посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Москва се одвива исклучиво во рамките на билатералните односи меѓу Унгарија и Русија и тој нема добиено никаков мандат од Советот на ЕУ за посета на земјата, претходно порача високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.
– Унгарија сега е земјата членка на ЕУ која го извршува ротирачкото претседавање со Советот до 31 декември 2024 година, но тоа не повлекува никакво надворешно претставување на Унијата, што е одговорност на претседателот на Европскиот совет на ниво на шефови на држави или влади и на висок претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност на министерско ниво, се додава во писмената изјава на Борел.
Тој посочува дека позицијата на ЕУ за руската агресија врз Украина е изразена во многу заклучоци на Европскиот совет и таа ги исклучува официјалните контакти меѓу Унијата и рускиот претседател Владимир Путин.
– Унгарскиот премиер не ја претставува ЕУ на ниту еден начин. Покрај тоа, вреди да потсетиме дека претседателот Путин е обвинет од Меѓународниот кривичен суд и издаден е налог за апсење за неговата улога во врска со присилната депортација на деца од Украина во Русија, додава Борел во писмената изјава.





