Оптимизмот за името се претвора во црно сценарио

Студен туш од „То Вима“ – весникот цитира дипломати кои велат дека во моментов има мали очекувања за решавање на името.



Дипломатски кругови во Атина побарале внимателност во очекувањата за прашањето за името со Скопје. Весникот пренесува дека разликите меѓу двете страни за одредени точки сѐ уште се големи. Во текстот под наслов „Мали очекувања за решавање на името со ПЈРМ“ весникот анализира дека се прават напори за да се доближат позициите на двете страни.

„Постојат многу отворени прашања и многу случаи кои предизвикуваат несогласувања меѓу двете страни. Се прават напори за да постои поклопување за основни точки, но постојат многу разлики“, коментираат за „То Вима“ грчки дипломати.

Според весникот, проблем се честите споменувања на Уставот од премиерот Зоран Заев и ставовите дека не е потребна промена затоа што не постои ниту иредентизам, ниту територијални претензии.

„Ова е една точка што тешко може да помине овде во Грција, па дури и да биде прифатено името“, коментира „То Вима“.

Во однос на името се додава дека, и покрај тоа што Горна Македонија преовладува, сепак, ни тоа прашање не е затворено.