ОМО „Илинден“–Пирин: Ќе се помнат зборовите на Сандански „сакаме самостојна Македонија на Македонците, не под бугарска тиранија“!

ОМО „Илинден“ – Пирин, политичката партија на Македонците во Пиринскиот дел на Македонија, во Бугарија, на својот фејсбук-профил во објава со наслов „Кој беше Јане Сандански“ изнесе сведоштва за идеите на „Пиринскиот цар“, на овој легендарен водач на македонската револуционерна борба за слобода и за создавање засебна македонска држава. Сандански, еден од највеликите македонски херои и бранители на македонската национална и политичка самобитност, беше убиен на 22 април 1915 година во заседа кај месноста Блатата на патот од Рилскиот манастир за Неврокоп, во пиринскиот дел на Македонија. Сандански се пројавуваше како најфанатичен приврзаник на македонската револуционерна идеологија и неговото убиство се должеше токму на тоа. Грчкиот новинар и политичар Елефтериос Ставридис запишал дека „неговото убиство беше извршено од Бугарите, бидејќи тој се бореше против присоединувањето на Македонија кон Бугарија и бидејќи негуваше кај Словеномакедонците македонска национална свест“.



На својот фејсбук профил ОМО Илинден – Пирин пишува: За време на Илинденското востание на врв Пирин планина, откако порано ги натерал врховистичките четници на бугарскиот поручник Стоенчев да ги симнат од своите капи бугарските лавчиња, Јане ќе ја даде најасната и најкратка дефиниција за разликата меѓу централистите и врховистите: „…ние не сакаме да ја замениме турската тиранија и турските султани со други такви, дури и со бугарска тиранија и бугарски кнез. Ние сакаме Македонија да биде автономна, независна, слободна, Македонија на Македонците… Вие ја сакате слободата на Македонија … како средство, како етапа за идно освојување и присоединување, а кај нас автономијата на Македонија е поставена како основна цел. Тоа е големата разлика меѓу нас внатрешните, и вас врховистите.“

Кога на 8 април 1905 година ја разбил четата на врховистичкиот капетан Стојанов кај селото Кашина, Сандански ги обвинил заробените дека се платени и вооружени од бугарскиот кнез, за да ја освојат Македонија и ќе им каже: „Македонија нема да ги плаќа долговите на Бугарија … немаме потреба од бугарски пушки, бугарска помош, од егзархијата…“

Во 1907 година во Софија на состанок на ВМОРО Јане Сандански, според сведокот на состанокот Стефан Камилов, ја изложил јасно својата позиција: „Сите, коишто агитираат – било тоа во Македонија или надвор од неа – за ослободување и обединенување со Бугарите, треба да бидат непријателски пресретнати од ВМОРО, исто како што се пресретнуваат српските и грчките чети. …треба да се работи на будење на сознанието на масите дека се самостоен народ, оти имаат право на слободен живот и дека треба да се борат за извојување на својата слобода без да се потпираат на туѓа помош, затоа што тие, кои би дошле да ги ослободат, всушност ќе дојдат да ги заробат.“

Познати се и овие зборови на Јане Сандански: „Ние имаме своја … општа политичка програма, која се состои во барањето од Македонија да се создаде автономна област во рамките на Отоманската империја. А најмногу од сѐ се плашиме од тоа нашите драги пријатели Бугарите, Србите и Грците да не дојдат да нѐ ослободуваат, зашто тие всушност ќе дојдат да нѐ поробуваат.“

Долго остануваат да се паметат меѓу населението во Мелничко неговите зборови: „По-добро под турско, отколку под бугарско!“.

Позната е здравицата на Јане во Солун во 1912 година за автономна Македонија, заради која за малку не бил убиен од бугарските офицери. Јане пророчки ќе каже: „Јас не го чекам брзото ослободување на Македонија. Тоа може да не дојде дури и во моите денови, но јас сакам да го запазам народот и да го организирам и ако тоа се случи тој ќе ја добие својата слобода.“

Неговите идеи биле забележани во неколку странски весници. На 5 јули 1905 година д-р Карл Блајнд ќе напише за него во лондонскиот весник „Пал мал газет“: „Сандански се претставува како единствен претставник – Македонец. Тој си има поставено за цел да создаде од Македонија независна држава, која единствено би можела да влезе во составот на балканска федерација … Учените од Комитетот на Сандански создаваат граматика на македонски јазик како јазик на целата област. Дијалектот на Битолскиот вилает е земен како основа на ова ново македонско есперанто. Новиот македонски јазик треба да ги потисне бугарскиот и српскиот од Македонија, зашто тој бил различен од јазикот, што се зборува во Бугарија и Србија.“

Родолфо Фоа ќе напише во италијанскиот весник „Л’ Италиа Ал’ Естро“ дека Јане проповедал: „Македонците ќе се ослободат без мешање на соседните држави: во Македонија не треба да има ниту Бугари, ниту Срби, ниту Грци, нито Романци, ниту Турци, туку само Македонци.“

Грчкиот весник „Кери“ на 1 август 1908 година го напишал следното за Јане Сандански: „Тој секогаш се борел за слободата на Македонија, а никогаш не настојувал да работи за Санстефанскиот договор и за присоединувањето на Македонија кон Бугарија. Едно по друго објавува прокламации против оние … словеногласни Македонци, кои се стремат кон присоединување на македонските земји кон Бугарија. Сега Сандански, кој нема никаков однос кон луѓето во Софија … се наоѓа во Солун, учи и држи проповеди за заемна дејност на Елините и словеногласните за македонската татковина … Сандански … ќе ги помири елините Македонци со словеногласното македонско население. Тој … може да помогне да се уништат бугарските училишта и да се отворат други, во кои ќе се изучува словеногласниот македонски јазик заедно со елинскиот.“

На 25 март 1906 година во извештај на Второто политичко одделение при Министерството за надворешните работи на Бугарија, објавен за да се наметне контрола над ВМОРО, ставовите на Јане Сандански ќе бидат нападнати на следниот начин: „Интернационалноста на Организацијата не значи прекинување на сите врски и одрекување од нашата народност, како што проповедаат некои диви социјалисти од типот на Сандански … Луѓето, кои навистина предизвикуваат сомнение во нивните чувства кон народното единство, постојат во организацијата … тие се одрекуваат од политичката целост со Бугарија и претпочитаат да создадат Македонија како одделна политичка единица … Луѓето од таа група се инспирираат од мислата дека живеат за Македонија и само за Македонија … тие се хранат со илузии да не му дозволат на бугарскиот кнез да си стави на главата царска круна за сметка на Македонија, а исто така и да ја штитат целовитоста и независноста на земјата од грабежот на кнезот.“

Бугарскиот министер д-р Никола Генадиев после разговорот со противниците на Јане во 1908 година ќе напише писмо до бугарскиот цар Фердинанд, во кое ќе констатира дека Јане е посилен од своите противници во Македонија и дека се на чекор од тоа младите да поминат на негова страна, а неговата победа ќе „значи прекин на националните врски меѓу двете страни на Рила“, односно меѓу Бугарија и Македонија.

Бугарскиот дипломатски претставник во Солун Атанас Шопов запишал дека приврзаниците на Сандански го настројуваат населението против Бугарија и Егзархијата и оти при војна меѓу Турција и Бугарија Сандански и Чернопеев „ќе успеат да го поведат македонското население против бугарските војски“.

Идеите на Јане Сандански биле продолжени од неговите другари и после неговото убиство. Четири години по убиството на Јане неговиот непријател Тодор Александров ќе признае дека дека се на ред и другите чесни Македонци„..Санданистите, кои се предавници во минатото и сегашноста на бугарскиот народ, зборуваат и агитираат дека треба да се бара автономија на Македонија, зашто таа е одделна економска и географска единица со одделен ‘македонски народ’ со своја историја од векови … а некои од нив се закануваат вака: ‘ако по чудо биде дадена цела Македонија на Бугарија, ние ќе се бориме со оружје во рака, за да не го дозволиме тоа обединување’.“