Двајцата братучеди од селото Белица (сега град во Пиринска Македонија) – Васил Кокарешков, роден на 9 јануари 1928 година, и Сава Кокарешков, роден на 30 август 1928 година, биле овчари на планината Рила, каде што се среќавале често со партизаните од одредот „Никола Парапунов“. Васил и Сава Кокарешков ги снабдувале со храна, облека, цигари и друго. Но, биле предадени и заробени од полицијата на 16 јуни 1944 година на средба со герилците. Герилците успеале да се повлечат по судирот со полицијата, а децата биле заробени. Тие биле однесени во Разлог, каде биле подложени на сурова тортура, но ништо не предале. На 7 јули биле заклани во својата ќелија. За да се прикрие морничавото злосторство, нивните тела им биле дадени на кучињата за храна. Во тоа време тие имале 16 години.
Пред Народниот суд, еден од убијците – капетанот Николчев ќе рече: „Двајцата братучеди Сава и Васил Кокарешкови побрзавме да ги ликвидираме. Еден од жандармите упадна во просторијата, каде што биле приведени момчињата и ги заклал. Се плашевме да не ги најдат нивните тела, бидејќи беа малолетни и без судење ги уништивме. Затоа дадов наредба да не се оставаат траги од убиството. Подоцна ми кажаа дека жандармеријата ги хранела кучињата една недела.“
Така од братучедите и од стадата не остана ни трага. Убиствата на двете момчиња не е познато во Македонија, но треба да биде актуелно за двете земји. ОМО Илинден Пирин на својата страница на Фејсбук денеска, на 28 декември 2021 година под наслов „Убиени антифашистички деца: Васил и Сава Кокарешкови од Белица, Благоевградска област“, објави за ова злосторство на фашистичкиот режим на Бугарија во Пиринска Македонија, кое е малку познато во историјата на Македонија. Објавата на ОМО Илинден „Пирин“ ја пренесе „Денешен весник“ истиот ден под наслов „Злосторства во Пиринска Македонија: в затвор ликвидирани две деца и фрлени на кучињата, за да се скрие злосторот во 1944 година“.
Во својата објава ОМО Илинден „Пирин“ уште истакнува: Во Бугарија, како сојузник на Хитлер, антифашистичкото движење беше слабо. На крајот на војната имаше само две партизански бригади. Едната беше создадена благодарение на југословенските, поточно македонските и српските партизани – бригадата „Христо Ботев“. Најсилното партизанско движење било во Пиринска Македонија, каде што започнало прво не само во Бугарија и Македонија, туку и на Балканскиот Полуостров.
Овде партизанското движење било врз македонска основа и функционирало во рамките на традициите на Јане Сандански и на ставот на Бугарската комунистичка партија за поддршка на македонската нација и нејзиното самоопределување до отцепување.
И покрај општата слабост на антифашистичкиот отпор во Бугарија, репресијата во некои аспекти беше особено брутална. Една од „специјалитетите“ беше убивањето деца, поради помагање и криење на партизаните. Такви се познатите во Македонија деца од Ваташа во Македонија. За ова во Бугарија не се зборува – тие биле „ослободители“ и „неокупатори“.
Бугарските фашисти го правеа истото во Бугарија – меѓу нивните жртви се и Митко Палаузов, Шест јастреби. Ова последново е добро познато во Бугарија, што покажува дека молкот за убиствата во Ваташа не е поради фундаменталниот срам на самиот случај, туку поради тоа што го нарушува пропагандниот имиџ на „ослободителите“. Дали имаше фашизам во Бугарија и ако не, кој ги уби антифашистите и кој ги праќаше Евреите во логори? Се познава по нивните плодови.





