„Ние не сме ни најмалку задоволни од бугарските предлози да бидат регистрирани неколку наши организации во Бугарија замена на влегување на Бугарите во уставот на Македонија. Зашто, излегување од Уставот нема, а забраната на нашите организации може да се случи многу брзо и неизбежно ќе се случи. Тврдењето дека во Бугарија има македонско малцинство, според бугарските судови е не само невистина, туку е и противуставно, противдржавно и насочено против единството на бугарската нација! Потребна е промена во бугарската политика на негирање на македонското малцинство! Бугарија може да ги стави генерално малцинствата во Уставот, а секако може да ги регистрира македонските организации, да прими барем една, која ќе го претставува македонското малцинство (па ако сака и не како национална малцинство, туку како „етничка група“) во Советот за етничките прашања и да внесе графа „Македонец“ во пописот, но да преземе мерки против редовниот говор на омраза против Македонците овде.“ – нагласува преку својот фејсбук-профил политичката организација на Македонците во Бугарија ОМО “Илинден”- ПИРИН, реагирајќи кон изјавата на Ковачев за ТВ 21, во која тој тврдеше: „Нема никаква драма, нема никаков проблем, Бугарија ги има исполнето апсолутно сите барања, во кои и судот во Стразбур никаде не кажува, или дека има пресуда, оти Бугарија треба да признае малцинства. Нема таква работа.“
Во објавата под наслов „Во одговор на новата официјална дезинформација од страна на Бугарија“ на својот профил ОМО „Илинден”- ПИРИН пишува: „Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев кажа дека во Бугарија всушност имало регистрирани „две“ македонски организации, едната од кои е „Антички Македонци“, а на другата не ѝ се сеќавал во моментот името. Тоа е скоро дословно истото што Бугарија го изнесе во своите две последни писма до Комитетот на министрите, каде што втората организација исто се цитира, но не и со име. Т.е. во прашање се така наречените во Бугарија „опорни точки“, кои сега се дистрибуираат по различни канали за дезинформации, а Андреј Ковачев редовно така истапува во врска со македонското прашање.
За што се работи? Да започнеме со заборавената организација – Друштво за заштита на основни човекови права. Каков е нејзиниот статус денес? Забранета е, а последниот обид за регистрација беше одбиен. Таа беше регистрирана на 31 август, а Антички Македонци – на 30 септември 2019 година. Од 1999 до 2019 година регистрации немало, а ниту има потоа. Зошто ги регистрираа токму тогаш и двете? Затоа што на Бугарија ѝ требаше аргумент пред Комитетот на министрите во Стразбур дека таа, наводно, веќе ги извршува пресудите во Стразбур и оти веќе има регистрирани организации, па врз основа тоа да побара да биде прекинато засиленото набљудување во врска со македонските случаи. Но, Бугарија никогаш немала намера навистина да ги остави да функционираат овие организации! На 11 ноември 2019 година започна постапка за забрана и на двете организации.
Ова не е нова практика на бугарската држава. Во 1999 година тие ја регистрираа ОМО „Илинден“-ПИРИН, а во февруари 2000 ја забранија. Што се случи со Антички Македонци? Сите членови беа испрашувани во полиција и принудени да се потпишуваат прави седнати и полуправи. Постапката до денес не е завршена – забраната виси над нивните глави веќе шест години. Се уште не е забранета, за да може да се користи како аргумент,дека има регистрирани македонски организации во Бугарија. Зашто токму таа е оставена? Затоа што, иако во неа членуваат достојни Македонци, оваа организација не си поставува цели, кои се во заштита на правата на македонското малцинство во Бугарија, туку истражување на врските со антиката.
Другата организација, која бараше заштита на правата на македонското малцинство во Бугарија, одамна е забранета. Другите организации, кои бараат такви работи – не можат да се регистрираат. Така Бугарија постигнува истовремено да нема регистрирани организации, кои се борат за правата на Македонците во Бугарија, а сепак да тврди дека всушност таква има, но да ја држи истата во мат-позиција и на чекор од забрана.
Нема потреба да се коментира втората „опорна точка“, претставена од Ковачев – дека останатите организации не се регистрираат, затоа што допуштаат грешки. Доволно е да се каже дека таа не се прифаќа ниту од судот во Стразбур, кој веќе има 14 пресуди против Бугарија, ниту од Комитетот на министрите. Комитетот во своите одлуки од последните години многу точно забележува на постојаните промени на критериумите, непочитувањето на законското право на поправање „грешки“, промената на дефинициите на различни поими, противречни барања спрема различни организации и т.н.
Критериумите за одбивање на барањата за регистрации варираат – константни се само одбивањата.
Најчестата „грешка“ во нашите документи – тврдењето дека во Бугарија има македонско малцинство – според бугарските судови е не само невистина, туку е и антиуставно, антидржавно и насочено против единството на бугарската нација! Поради сето тоа ние не сме ни најмалку задоволни од предлозите да бидат регистрирани неколку наши организации во замена на влегување на Бугарите во уставот на Македонија. Зашто, излегување од Уставот нема, а забраната на нашите организации може да се случи многу брзо и неизбежно ќе се случи.
Потребна е промена во бугарската политика на негирање на македонското малцинство!
Бугарија може да ги стави генерално малцинствата во Уставот, а секако може да ги регистрира македонските организации, да прими барем една која ќе го претставува македонското малцинство (па ако сака и не како национална малцинство, туку како „етничка група“) во Советот за етничките прашања и да внесе графа „Македонец“ во пописот, да преземе мерки против редовниот говор на омраза против Македонците овде.
Може и треба да ги укине одлуката на Уставниот суд од 29 февруари 2000 г. дека во Бугарија немало оформена македонска народност и декларациите на парламентот од 6 март 1990 г. и онаа последната од нивната рамковна позиција против Македонија.
ОМО Илинден ПИРИН
#macedonianminority in #bulgaria





