ОМД: Дачиќ е ултранационалистички гласник на Грција и на Русија

Обединета македонска дијаспора (ОМД) му одговори на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, кој во ТВ-интервју се пожали дека на неговата земја ѝ се лутеле ЕУ и Грција што го употребува името Република Македонија.



„Јасно, Србија поставува темел за ставање крај на нејзиното признавање на Македонија. Како ќе одговори МНР на Македонија? Наш одговор: Дачиќ е ултранационалистички гласник на Грција и на Русија и контрапродуктивен“, порача ОМД преку „Твитер“.

„Нас нè предупредуваат од ЕУ што го користиме терминот Република Македонија, имаме проблеми во преговорите со ЕУ… велат мора БЈРМ. Ни удираат чврги што ја признавме Македонија под нејзиното уставно име, Грците се лутат, ЕУ се лути, а Македонија и гласа за Косово во УНЕСКО. Сакате да бидеме пријатели? Сакаме, но тоа мора да биде обострано“, изјави Дачиќ во емисијата „Кирилица“ на српската телевизија Хепи, констатирајќи дека во Македонија владее мислење дека Србија работи против неа.