Вработените во основното и средното образование ќе добиваат плата за 5% повисока почнувајќи од октомвриската плата. Синдикатот за образование и наука денеска постигна договор со Владата, кој, како што велат, ќе гарантира стабилно зголемување на платите во овој сектор во наредните четири години.
„Од октомври до февруари 2025 година наставниците ќе добијат 5 посто, па во март 2025 нови 7 проценти, потоа во март 2026 покачување на платите од 7,5 и 10 отсто, натаму во март 2027 10 отсто, а во 2028 меѓу 10 и 12 отсто“, кажа Мицкоски на денешната прес-конференција во Владата.
По октомвриското зголемување од 5%, вработените во основното и средното образование ќе имаат зголемување од 7% во март следната година, зголемување од 7,5 до 10% во март 2026 година, зголемување од 7,5 до 10% во март 2027 година и зголемување од 10 до 12,5% во март 2028 година.
Планирано зголемување на платите во образованието

- Во октомври 2024 година, зголемување од 5%
- Во март 2025 година, зголемување од 7%
- Во март 2026 година, зголемување од 7,5-10%
- Во март 2027 година, зголемување од 7,5-10%
- Во март 2028 година, зголемување од 10-12,5%
- Од март 2025 година со примена на колективните договори кои треба дотогаш да ги потпишат, ќе растат правата на образовниот кадар.
На новинарско прашање како се најдени пари за покачување на платите, кога цело време се тврдеше дека нема пари и оти зголемувањето на платите ќе се случи кога за тоа ќе има услови, премиерот одговори:
„Не сме алхемичари, ниту магионичари, парите ги најдовме од зголемената наплата од страна на Царината и Управата за јавни приходи. Очекуваме и раст на економијата во следниот период“, вели премиерот.





