Основните и средните училишта, од понеделник, 29 април, заклучно со 6 мај 2024, нема да работат поради пролетниот распуст кој е воведен од оваа учебна година, a кој делумно се поклопува со Велигденските празници.



Учениците нема да одат на настава ни на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори 2024.

Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.

Годинава, за првпат има промена и во календарот за настава, така што 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни.