„Спојувањето на Националната агенција за безбедност и Агенцијата за разузнавање во моментов не е препорачливо за држава, која доживеа масовно прислушување под раководство на Сашо Мијалков. Спојувањето на овие институции ќе создаде многу повеќе застој, конфузија. Колку повеќе ќе биде поделена власта, толку поголема ќе биде функционалноста на безбедносните институции.“ – овие тврдења на Башким Селмани, професор по безбедност во државниот Универзитет во Тетово, ги објави ТВ Алсат во својата информација со наслов „Обединувањето на тајните служби ќе предизвика застој“ – Селмани: Централизацијата на власта, опасност за демократијата“. Професорот Селмани со своите ставови наметнува некои дилеми: од безбедносен и политички аспект, колку е (не)опасна и (не)потребна за Македонија поделбата на власта, или децентрализацијата, поточно развластувањето на државата, имајќи ја предвид усложнетата политичко-безбедносна ситуација во Балканот, во заднината на српско-албанскиот спор/судир околу Косово? Но, имајќи ги предвид и големите притисоци врз Македонија од Бугарија и Грција, како и од меѓународната заедница, околу спроведувањето на „добрососедските договори“, особено за примена на „уставното име“ „с“? Дали во ваков домашен и надворешен контекст е посоодветно „збивање на редовите“, во безбедносна и политичка смисла, заради давање потребен и конструктивен одговор на влијанијата и притисоците однадвор врз Македонија?
Пренесувајќи ги ставовите на професорот по безбедност Башким Селмани, ТВ Алсат пишува: „Се планира Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање да бидат во една функционалност, но демократијата во Македонија се покажа како нефункционална како што беше случајот со Мијалков кога целата власт премина на еден поединец. Да се влијае на безбедносните институции значи да се влијае на интегритетот на државата. Да се влијае на безбедноста, да се влијае на економската безбедност и индивидуалната безбедност на граѓаните, но овие институции немаат дадено реален пристап кон она, што се случи во минатото. Затоа, спојувањето на овие институции ќе создаде многу повеќе застој, конфузија.“ – тврди Селмани.
Според него, извршната власт прво треба да ја анализира работата на институциите и можните промени добро да се испланираат. „Гледајќи го функционалниот и финансискиот аспект, треба да се види кои биле приоритетите, отстапувањата и неуспесите. Би било добро овие промени да не се случат годинава, туку прво да се направи проценка на нивната функционалност и потоа со помошните тела на НАТО Само тогаш ќе имаме закрепнување на безбедносната состојба. Напротив, секоја промена што ќе се случи во моментов, неанализирана добро, значи дека колку повеќе ќе се влијае врз овие институции, толку повеќе ќе се ограничува демократијата и ќе се централизираат државата и власта.“ – смета професорот Селмани.
Анализата на владиниот план за спојување на две клучни безбедносни институции, Националната безбедносна агенција и Агенцијата за разузнавање, доаѓа еден ден откако Мицкоски потврди дека се очекува тоа да се случи за неколку месеци. Планот постоеше уште од времето на владата на Заев, но беше ставен во мирување, со образложение дека се уште не созреале условите за такво нешто. Агенцијата за национална безбедност во моментов е под надлежност на владата, а Агенцијата за разузнавање е под надлежност на претседателот. Засега не се знае што опфаќа планот за спојување во однос на овластувањата, ниту поделбата на внатрешните сектори на тајните служби.





