Огромни казни за трговците за непочитување на мерката за пониски цени

Инспекцијата изрекла казни од над 2 милиони денари за само неколку дена, а инспекциите продолжуваат и за време на викенд и следниот период. ДПИ предупредува, трговците на големо да не потклекнуваат на притисоците од неколку големи ланци на маркети, нема да се толерира ниту празен рафт ниту било каков обид да се измамат граѓаните. Првиот човек на ДПИ, Горан Трајковски соопшти дека од носење на одлуката која стапи на сила на крајот на септември до сега, при извршени 500 надзори на инспекторите, изречени биле казни во износ од над четири милиони денари.



  • Од почетокот на Одлуката до четвртокот беа издадени прекршочни платни налози од над два милиона денари, а само во четвртокот исто така беа издадени налози од над два милиона зашто во средата се увиде дека трговците на мало, големите ланци маркети, имаат празни рафтови и не се снабдени доволно со количините призводи како што е наведено во Одлуката. Тоа нема да го дозволиме. Се додека сум директор на ДПИ, им порачувам на трговците на мало и на големо, да не се обидуваат да ги заобиколуваат зкаоните за да не ја почитуваат Одлуката. Имам информации и дека неколку големи ланци маркети вршат големи притисоци врз добавувачите како да ги заобиколат законите и да остварат профит. Трговците на големо (снабдувачите) да не потклекнуваат на притисоците што ги вршат неколку од големите маркети за да ги заобиколат законите и да не ја почитуваат Одлуката, подвлече Трајковски.

Тој апелираше, маркетите да не се обидуваат да ги заобиколат законите, затоа што ќе се соочат со ригорозни санкции и заплена на робата.

  • За многу кратко време се вадат нови производи, се со цел да се избегне и да не бидат опфатени во одлуката. Нека го има 400 грамскиот јогурт, но нека го има и 300 грамскиот. Се оди на начин, само да се профитира повеќ, рече Трајковски.

Дека ваквата мерка и тоа како помогнала на граѓаните, согласен е заменик министерот за економија, Марјан Ристески. Тој смета дека преку оваа мерка граѓаните направиле солидна заштеда во домашниот буџет.

Пазарна регистрирале и измами во продажбата на пелети кои некои трговци ги декларирале како словенечки а произведени се во друга земја. Во пресрет на грејната сезона ќе има строги контроли и на овие продукти. 

Инаку, казните за непочитување на мерката есенска кошничка изнесуваат од две до 10.000 евра, додека за прекршување на Законот за нефер трговски практики и до 20.000 евра.